• петок, 27 декември 2024

Во прилепскиот регион почна проект за социјални услуги за 120 жители

Во прилепскиот регион почна проект за социјални услуги за 120 жители

Прилеп, 11 јануари 2023 (МИА) – Во три општини во прилепскиот регион, Прилеп, Кривогаштани и Долнени започна 18 месечен проект за социјални услуги на стари, изнемоштени, и социјано загрозени лица. На 120-тина жители од овој регион, 40 лиценцирани негуватели ќе им даваат услуги во нивните домови.

Проектот е грант од Министерството за труд и социјална политика и од Светска банка.

Во почетокот на февруари ќе биде објавен оглас, а потоа и обука на заинтересираните, идни лиценцирани негуватели кои со услугите се очекува да почнат од јуни. Проектот е на здружението Центар за развој и едукација. Марина Тошеска, координатор на проектот, објаснува дека се унапредува соработката меѓу институциите, локалните самоуправи, невладините организации.

Во соработка со матичните лекари  и, дополнително, во соработка со Центарот  за социјална работа во  Прилеп, во наредниот период ќе се работи на маркирање на потенцијалните корисници, а истовремено ќе има повик за заинтересирани невработени лица кои, прво ќе бидат вклучени во обука и ќе добијат сертификати за лиценцирани негуватели, а понатаму да бидат даватели на услуга, со платен работен ангажман.

Со проектот  предвидено е да бидат обучени 40 негуватели, но постои можност да биде проширен и бројот на негуватели и бројот на корисници на услугите.

– Ова е одлична можност, со која заедно соработуваат Министертвото за труд и социјална политика, преку Центарот, од Министерството за здравство, преку матичните доктори, локалните самоуправи, кои се значаен чинител во децентрализацијата на социјалните услуги кои реално одговараат на потребите на жителите. Тука се и невладините организации кои имаат можност да се лиценцираат како даватели на вакви услуги, објаснува Тошеска.

Прилеп има искуство со социјалните услуги преку поранешниот проект „Супер Марио“, но оваа можност е посеопфатна. Влатко Петкоски од прилепската локална самоуправа вели дека е посебно задоволството на Општината за спровердување на проектот поради можноста да покаже грижа за жителите.

– Локалната самоуправа сака да им ги овозможи сите услуги на луѓето кои од кои било причини не можат сами да ги извршат. За околу 100 луѓе од Прилеп ова ќе биде прекрасна можност и подршка, да имаат подадена рака за сето она што им е неопходно, а сами не можат да го извршат, вели Петкоски.

Дејан Киселоски од локалната самоуправа на Кривогаштани, вели дека ќе има 12 лиценцирани негуватели за сите населени места.

– Во општина Кривогаштани за првпат се спроведува проектот за развивање социјални услуги. Општината има обврска да ги обезбеди сите потребни материјали, обезбедување кадар преку јавен повик. Да се повикаат лиценцирани, или со обуката заинтересираните да се лиценцираат. На целата територија на Кривогаштани, во сите населени места ќе бидат распределени 12-тина лиценцирани даватели на социјални услуги кои ќе работат во периодот од 18 месеци, објаснува Киселоски.

Проектот официјано започна на први јануари. Сега е фазата на активности, јавни набавки. Општина Долнени веќе отстапи простор каде се лиценцира негувателот. ем/цр

Остани поврзан