• среда, 20 ноември 2024

Во прилепската населбата Точила се очекува да почне со работа новата градинка „Бајка“ 

Во прилепската населбата Точила се очекува да почне со работа новата градинка „Бајка“ 

Прилеп, 20 октомври 2024 (МИА) - Во Прилеп наскоро се очекува да почне со работа нова детска градинка во населбата Точила, која треба да го реши проблемот со згрижување на децата од претшколска возраст. На последната седница, општинскиот совет со одлука ги префрли ингеренциите за градинката на јавната општинска установа за детски градинки „Наша иднина“ откако го доби мислењето на комисијата при Министерството за социјална политика, демографија и млади дека објектот ги задоволува сите стандарди. Новата градинка ќе се вика „Бајка“.

- Ова е голема одлука зашто се решава прашањето за згрижувањето на децата во градинките. Ги префрливме ингеренциите на ЈОУ „Наша иднина“, ја добивме одлуката на министерската комисија и сметам дека се во прашање недели кога ќе почне да функционира и да го реши проблемот со згрижувањето на децата, рече Ирена Стерјоска Локвенец, претседателка на прилепскиот општински совет.

Според Христина Трпческа, директорка на ЈОУ „Наша иднина“, веќе се испратени документите до Министерството за социјална политика за вработување на 32 лица во новата градинка.

- Оттаму, барањето се препраќа до Министерството за финансии и очекуваме да ни одговорат позитивно. Нашето барање е за вработување на 32 лица, тоа е претходен договор со Министерството за социјална политика. Ќе работат 11 групи со воспитувач и негуватели и технички персонал, рече Трпческа.

Проектираниот капацитет на градинката „Бајка“ е за згрижување на 252 деца, но со решението од Министерството, капацитетот ќе биде за 218 деца, зашто две од занималните ќе се користа само за спиење, а не за престој на деца. Трпческа смета дека со пуштањето во употреба на градинката ќе се избрише листата на чекање за згрижување на децата.

- Сегашната листа на чекање е за 230 деца. Во групите, со согласност на општината може да примиме и поголем број деца и очекувам да ја испразниме листата на чекање. Нашите заложби се градинката да почне да работи најбрзо, но сега ништо не забвиси од нас, туку од потврдата на согласностите за вработување на кадарот, рече Трпческа.

Градинката чини 133 милиона денари и Прилеп ја градеше со сопствени средства. Се доцнеше неколку години за да се доизградат придружнните зафати со што се задоволуваат стандардите за ваква установа. Инаку, во Прилеп се изготвува идејно решение за изградба на нова детска градинка во населбата „Рид“ за згрижување на околу 200 деца. ем/цр

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан