• среда, 25 декември 2024

Во посета на Бигорски манастир митрополитот Илија и православни верници од Финска

Во посета на Бигорски манастир митрополитот Илија и православни верници од Финска

Дебар, 15 мај 2024 (МИА) - Во посета на Бигорски манастир престојува група од триесетина млади православни лица од Финска, предводени од митрополитот на Оулу г. Илија, од автономната црква на Финска.

- Младите поклоници дојдоа од разни места на епархијата на митрополитот, којашто се наоѓа во северниот дел на Финска. Тие ја избраа Бигорската Обител, за да се запознаат со монашкиот начин на живот. За време на престојот имаат можност да се запознаат со мисијата и со секојдневието на нашето братство, препознавајќи го автентичниот дејствителен православен дух на нашиот старец и игумен, епископ г. Партениј, и на монашките заедници под негово духовно раководство, информираше за МИА, отец Крил.

Посебно срдечна била срдбата со владиката Партениј, со кого разговарале за историјата на манастирот и за монашкиот живот. 

-Всушност, желбата да се сретнат и да поразговараат со него им беше главната цел заради која допатуваа дури дотука. Одговарајќи со родителска љубов на нивната добра желба, старецот од срце им говореше за благодатниот живот во Христа, споделувајќи со нив примери од своето лично искуство. Тој исто така, им кажа прекрасни видувања и искуства за монашкото жителство. Младите со внимателност го слушаа и му поставуваа прашања, видно допрени од неговите топли и полни со доживеана мудрост зборови, додава отецот. 

Заедно со нив се и јероѓаконот и епархиски секретар Артури Хирвонен и учителот по црковна музика, хорархот протопсалт  Маркус Хаенинен. 

Според отец Кирил, автономната црква на Финска брои околу 56.000 православни христијани. Составена е од три епархии, на чело со архиепископот г. Лав. Карактеристично и за пример е тоа што црквата е една, а во неа се црквуваат верници што зборуваат различни јазици, а со тоа и богослужбите се извршуваат на разни јазици, како: фински, руски, шведски, сами(лапонски), грчки и романски. Изминатото лето Црквата на Финска прослави 100 години од добивањето на томосот за автономија во 1923 од страна на Вселенската патријаршија, а на прославата присуствуваше и самиот патријарх г. г. Вартоломеј. вт/са/

Фото: Бигорски манастир 

Остани поврзан