Во посета на Бигорскиот манастир високи гости и поголема група верници од Австрија
- Високи гости од Австрија, предводени од амбасадорот во земјава, Мартин Палмер, беа во посета на Бигорскиот манастир, заедно со поголема група верници од оваа земја.
Дебар, 28 октомври 2024 (МИА) - Високи гости од Австрија, предводени од амбасадорот во земјава, Мартин Палмер, беа во посета на Бигорскиот манастир, заедно со поголема група верници од оваа земја.
- Во текот на вчерашниот празничен и неделен ден, во попладневните часови, Бигорскиот манастир имаше чест да биде домаќин на високи гости од Австрија. Со амбасадорот Палмер, беа и генералниот директор на ЕВН, Волфганг Мајер, Прелатот г. Антон Хеслингер, старешина на Манастирот Клостернојбург, и проф. Фолфганг Вон Бандион, голем канцелар на католичкиот ред на Свети цар Константин. Тие допатуваа заедно со група верници од оваа земја, информираа од Бигорскиот манастир.
Додаваат дека посетата била во рамки на одбележувањето на 26 Октомври – националниот празник на Австрија, и била исполнета со духовност и пријателски разговори.
- Гостите имаа можност да се сретнат со игуменот на манастирот, Преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, со кого разговараа за актуелните предизвици и состојбата на христијанството во Европа. Нашиот собрат, архимандрит Доситеј ги водеше низ просториите на манастирот, при што тие ги разгледаа содржините и го запознаа богатото духовно и културно наследство кое го негува нашата Обител, нагласуваат од манастирот.
На крајот од посетата, гостите изразија голема благодарност за топлото гостопримство и задоволство што имаа можност да бидат дел од овој духовен амбиент. вт/цр
Фото: Бигорски манастир