• петок, 27 декември 2024

Во пораст бројот на улични питачи во Кичево

Во пораст бројот на улични питачи во Кичево

Кичево, 7 март 2021 (МИА) - Уличните питачи, кои порано во Кичево ги имаше во текот на летните месеци со доаѓањето на печалбарите во градот, во последниве три години се присутни на улиците во текот на целата година, независно од временските услови.

Поголема група улични питачи и не се од Кичево, туку од останатите градови, дури ги има и од подалечните места од источниот дел на земјава.

Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Кичево е во постојан контакт со овие лица, им се сугерира да ја напуштат улицата и да продолжат со нормален живот како останатите граѓани.

-Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Кичево во соработка со ОВР-Кичево, по  двапати неделно спроведува акција на отстранување на овие деца и возрасни од улица. И покрај нашите сугестии дека не треба тука да престојуваат по цел ден ,тие привремено се повлекуваат и потоа повторно се враќаат на старото место. За возрасните улични питачи ќе бидат поднесени прекршочни пријави, а за родителите од децата кои се затекнати на улица ќе има опомени, изјави Лулјета Ајрулаи од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Кичево.

Оттаму додаваат дека при овие контакти со корисниците на социјална помош, кои се затекнуваат на улица им се укажува дека ќе им биде укината и социјалната помош. Но, како што додаваат, и тоа за нив не е којзнае каква опомена, бидејќи повторно и се враќаат на улицата и на старите навики.

Граѓаните често ја коментираат оваа појава која, како што велат, остава непријатен впечаток за гостите кои престојуваат во градот. за/мд/

Остани поврзан