Во поликлиниката „Јане Сандански“ пристигна донација од 100.000 вакцини „Синофарм“
- Во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје денеска пристигна донација од уште 100.000 вакцини „Синофарм“ од Народна Република Кина. На приемот на донацијата присуствуваа министрите за здрав
Скопје, 15 мај 2021 (МИА) - Во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје денеска пристигна донација од уште 100.000 вакцини „Синофарм“ од Народна Република Кина. На приемот на донацијата присуствуваа министрите за здравство и за одбрана, Венко Филипче и Радмила Шекеринска, како и кинескиот амбасадор Џанг Ѕу.
Според Филипче и Шекеринска, ова е вистинска помош во вистинско време. -Ова е значајна количина вакцини која за бројот на население како нашето значително може да ја смени епидемиолошката слика. Со донацијата се потврдува партнерството меѓу двете земји. Се надевам дека соработката ќе продолжи, истакна министерот за здравство. Тој нагласи дека имунизацијата во земјава ќе продолжи по приоритет, согласно возраста на граѓаните. - Вакцинацијата е единственото оружје, повтори Филипче. Министерката Шекеринска рече дека помошта доаѓа во вистинско време. - Ова е вистинска помош во вистинско време и ќе ни даде шанса да продолжине со вакцинацијата на припадниците на Армијата, но вакцини ќе бидат отстапени и за јавното здравство, како и за граѓаните, напомена Шекеринска. Кинескиот амбасадор Џанг Ѕу рече дека ова е уште една конкретна акција за помош на македонските граѓани и демонстрирање на духот на протјателство. Кина, како што додаде амбасадорот Ѕу, е подготвена да го поддржи македонскиот народ во ова време на пандемија. Испораката на донацијата е договорена на средбата на Шекеринска со кинескиот министер за одбрана, генералот Веи Фенгхе при неговата посета на државава. На крајот на минатиот месец во Северна Македонија пристигнаа 200.000 вакцини „Синофарм“ што Владата ги набави од производителот, а најавени се и 500.000 вакцини „Синовак“. мч/дма/