• среда, 20 ноември 2024

Во Подгорица отворена изложбата „Моја Македонија“ на фотографот Милан Џинго

Во Подгорица отворена изложбата „Моја Македонија“ на фотографот Милан Џинго

Скопје, 18 септември 2024 (МИА) -  По повод 8 Септември - Денот на независноста на  на Република Северна Македонија вчера во Подгорица беше отворена изложбата „Моја Македонија“ на македонскиот фотограф Милан Џинго. Изложбата е во организација на Амбасадата на Република Северна Македонија во Црна Гора, а во соработка со Секретаријатот за култура на Подгорица.

На отворањето присутните ги поздравиле секретарката на Секретаријатот за култура на Подгорица, Снежана Томановиќ, амбасадорот на Северна Македонија Зеќир Рамчиловиќ и авторот на изложбата Милан Џинго. 

Томановиќ ја истакнала успешната соработка меѓу Секретаријатот за култура и Амбасадата на Северна Македонија, чиј резултат е оваа изложба, но и настанот со кој повеќе од успешно ќе заврши годинешното Подгоричко културно лето, концертот на Националниот ансамбл „Танец“ на 20 септември од 20:00 часот во КИЦ „Будо Томовиќ“.

Изразувајќи благодарност до секретарката Томановиќ и амбасадорот Рамчиловиќ, авторот на изложбата, Милан Џинго, истакнал дека ова е негова прва изложба во Црна Гора. - Беше тешко да се изберат 84 фотографии од преку 180.000 фотографии за на најдобар можен начин да се прикажам цела Македонија и нејзините убавини, а особено сакам да ги поттикнам оние што не биле да дојдат и да уживаат во тие убавини, посочил Џинго.

Амбасадорот Рамчиловиќ нагласил дека за него е голема чест и задоволство што може да ги поздрави присутните од ова прекрасно место, од срцето на Подгорица, по повод одбележувањето на еден од најзначајните денови за Република Северна Македонија, Денот на независноста. Со верба дека оваа изложба ќе го разбуди интересот на граѓаните на Подгорица и Црна Гора да ја посетат Македонија, тој истакнал дека „Северна Македонија и Црна Гора отсекогаш негувале пријателски односи и оваа изложба е резултат на тоа пријателство, но е и најдобар начин за зајакнување на врските меѓу нашите народи и држави."

Изложбата е дел од програмата „Подгоричко културно лето“ и ќе биде отворена во наредните триесет дена. Со оглед на тоа што се наоѓа на многу посетено место, на платото помеѓу Националната библиотека „Радосав Љумовиќ“ и Градското собрание на Подгорица, се очекува да ја видат илјадници граѓани на Подгорица и да имаат можност да се уверат во убавините што ги нуди Северна Македонија. дма/лв/

Фото:  Амбасада на Република Северна Македонија во Црна Гора

 

Остани поврзан