• недела, 24 ноември 2024

Во Париз незадоволство од реакцијата на ЕУ за настаните во Нагорно-Карабах 

Во Париз незадоволство од реакцијата на ЕУ за настаните во Нагорно-Карабах 

Брисел, 23 септември 2023 (МИА) – Француски политички партии и од власта и од опозицијата реагираа на изјавата на високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во врска со азербејџанската воена акција во Нагорно-Карабах, оценувајќи дека неговата реакција била „несоодветна“, поради стравување дека построг тон кон Баку би можел да се одрази врз економските и енергетските интереси на Унијата. 

Според Баку, акцијата во Нагорно-Карабах, сепаратистички регион населен речиси целосно со Ерменци, има за цел „враќање на уставниот поредок“ и „разоружување и повлекување на формациите на ерменските Вооружени сили од азербејџанска територија и неутрализирање на нивната воена инфраструктура“, додека Ереван оцени дека станува збор за „голема агресија“ од страна на Азербејџан, при која се бомбардираат градови и села и се предизвикуваат цивилни жртви. 

По стартот на азербејџанската воена акција на почетокот на неделава против сепаратистичките сили во регионот Нагорно-Карабах, која Баку ја нарече „антитерористичка операција“, Борел излезе со осуда на акцијата во име на ЕУ и побара итен прекин на непријателствата и на секаков вид насилство. 

Иранскиот министер за надворешни работи е поканет во Брисел, соопшти Европската унија денеска, со повик за „деескалација на тензиите“ во Заливот по американските воздушни напади во кои загина

- Азербејџан сноси одговорност да обезбеди целосно почитување на правата и безбедноста на Ерменците од Карабах и ЕУ постојано јасно става до знаење дека употребата на сила за решавање на споровите не е прифатлива, порача Борел, додавајќи дека Баку мора да се вклучи во сеопфатен и транспарентен дијалог со Ерменците од Карабах за да се обезбедат нивните права и безбедност, вклучително и нивното право достоинствено да живеат во своите домови. Тој нагласи и дека ЕУ повикува на продолжување на преговорите меѓу Ерменија и Азербејџан за сите нерешени прашања, со цел двете земји да склучат мировен договор. 

Ваквата реакција на Борел предизвика незадоволство во Париз, од каде изјавите на високиот претставник ги оценија како „млаки“. 

Генералниот секретар на владејачката центристичка партија Ренесанса на францускиот претседател Емануел Макрон, европратеникот Стефан Сежурне изјави дека ставот на Борел не е доволно силен. 

- За ова предупредуваме со месеци во Европскиот парламент. Беше кажано дека Русија ќе поттикне насилство и тоа се случи. Се плашам дека ќе ги повториме токму истите грешки како со Украина. Кога ќе се измешаат геополитичките и економски интереси, за Европејците економските интереси ќе имаат предност пред територијалните интереси, изјави Сежурне за радиото „Франс Интер“. 

„Има проблем во суштината и во формата“ во врска со дипломатската криза меѓу Франција, Австралија и САД, смета Стефан Сежурне, европратеник од редовите на Републиката во Марш и политички сове

Сежурне при тоа изрази жалење што европските партнери на Франција „не ја поддржуваат доволно“ нејзината посветеност на ова прашање.  

Натали Лоазо од либералната партија Хоризонти, која е дел од француската владина коалиција, оцени дека со својата изјава Еврокомисијата и Советот на ЕУ „премолчено му дадоа зелено светло на претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев да ги фрли на колена Ерменците од Нагорно-Карабах“. 

Таа уште обвини дека нападите на азербејџанските сили во Нагорно-Карабах имале за цел да предизвикаат „етничко чистење на ерменското население“. 

Францускиот европратеник Рафаел Глуксман од опозициската социјалдемократска партија Јавно место (ПП) праша дали ЕУ „ќе продолжи да и фрла евра на тиранијата во Баку“, кој го користи својот гас и слабоста на Унијата за да ја направи „соучесник во етничко чистење“. 

- Со оглед на тоа што ЕУ и Франција се последните сојузници на Ерменија, нејзино напуштање од нивна страна би било морална и геополитичка катастрофа, објави Глуксман на социјалната мрежа X. 

Сенаторот Пјер Узулијас од редовите на опозициската Француска комунистичка партија (ПЦФ), пак, во интервју за списанието „Телерама“ обвини дека „Европа замижува пред азербејџанската диктатура“. 

Франсоа-Ксавиер Белами од француската опозициска конзервативка партија Републиканци оцени дека „молкот на Европа и на западниот свет“ го охрабрува азербејџанскиот претседател Алиев да „продолжи понатаму“. 

Белами ја повика ЕУ да преземе акција бидејќи, според него, под изговор дека спроведува „антитерористичка операција“, Азербејџан „убива деца, жени и невини цивили“. 

- Оние кои го напаѓаат Карабах, го напаѓаат народот што сакаат да го збришат…, бидејќи тој е поврзан со европската цивилизација преку неговото наследство и култура, додаде Белами. 

Според него, доколку ЕУ која и самата „се роди од искуството на еден геноцид“, не реагира на настаните во Нагорно-Карабах „ќе одговара пред историјата за она што дозволила да се случи и тоа ќе биде најголемото предавство што Европа може да си го направи себе си“. 

Во меѓу време и група од 60 европратеници од редовите на Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), центристичката Обнова, Зелените и Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) упатија писмено прашање до Борел за тоа какви санкции ќе бидат преземени против „режимот во Баку“, ако биде одговорен за прекршување на постигнатиот договор за прекин на огнот“. 

Во јули минатата година, како дел од стратегијата за диверзификација на изворите за снабдувањето со енергенси и за намалување на енергетската зависност од Русија, ЕУ склучи договор со Азербејџан, со кој се предвидува постепено зголемување на извозот на азербејџански гас во Унијата до 2027 година на 20 милијарди кубни метри годишно. Според проценките, Азербејџан на своја територија има околу 2.600 милијарди кубни метри резерви на природен гас. ЕУ годишно троши околу 400 милијарди кубни метри гас, а сега од Азербејџан увезува околу осум милијарди кубни метри. сп/

Фото: МИА Архива/Европски парламент/Х

Остани поврзан