• понеделник, 21 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во ОЈО Куманово вработени уште двајца обвинители, лани решени скоро 70 проценти од предметите

Во ОЈО Куманово вработени уште двајца обвинители, лани решени скоро 70 проценти од предметите

Куманово, 8 април 2025 (МИА) - Двајца нови обвинители доби Основното јавно обвинителство во Куманово со што бројката се искачи на десет, информираа денеска надлежните од Обвинителството. Со оваа бројка се очекува да се зајакне работата на Обвинителството.

- Сепак, по систематизација ни недостасуваат уште двајца обвинители, со оглед на општините кои ги покриваме во североисточниот регион како и двата гранични премини Табановце и Деве Баир. На граничните премини, неделно имаме итни предмети со странски сторители, изјави шефицата на Основното јавно обвинителство Куманово, Теута Бедиу Рамадани.

Основното јавно обвинителство Куманово работи на голем број предмети.

- Согласно подготвениот извештај, лани сме постапувале против 1.448 лица. Станува збор за прилив од една година, но тука се и наследените предмети. Огромна е бројката на кривични пријави. Како Јавно обвинителство решени се 68, 6 проценти или 1.232 предмети, изјави Бедиу Рамадани.

Тука влегуваат обвинителните предлози, акти, решенија за отфрлање и сите јавнообвинителски одлуки. ОЈО Куманово постапува и по други кривични пријави, известувања каде не е наведено конкретно лице или настан, бројката е висока и изнесува приближно 1 000. Во Обвинителството биле пријавени и 123 малолетници за сторени кривични дела, од кои 87 се на возраст од 14 до 18 години, опфатени со Законот за кривична постапка, помладите од 14 посебно се заведуваат и Обвинителството со други институции презема превентивни мерки.

- ОЈО Куманово работи во речиси секој сегмент со најтешките кривични дела. И покрај недостатокот на кадар се справуваме и постапуваме. Лани определивме 28 притвори, за тешки кривични дела каде се очекува опасност од бегство и за странски сторители, изјави обвинителката Бедиу Рамадани.

Во однос на кривичните дела во Куманово од економски криминал кои зачестија во последниов период, „злоупотреба на службена положба“, „проневера на служба“, „несовесно работење“, „давање поткуп“, Обвинителството работи со посебни истражни мерки, со притвор.

- Им даваме акцент на кривични дела за гонење на корупцијата. Можам да ја искористам приликата, да ги повикам граѓаните, да пријават, да сработуваат со полицијата, инспекторите и со нас за да ги фатиме сторителите на кривични дела „поткуп“. Многу е важна соработката за вакви кривични дела со граѓаните, рече шефицата на кумановското обвинителство.

Покрај обвинители недостаток има  и во  јавнообвинителска служба, стручни соработници, дактилографи. ам/дма/


Фото: МИА

Остани поврзан