• среда, 27 ноември 2024

Во Охрид отворен Музеј со работилница за филигран на Вангел Деребан

Во Охрид отворен Музеј со работилница за филигран на Вангел Деребан
Охрид, 14 август 2021 (МИА) – На местото каде некогаш се наоѓаше работилницата на мајсторот Вангел Деребан вечерва во чаршијата во Охрид е отворен музеј посветен на филигранот, место каде ќе биде презентиран филигрански алат, поставка на филигрански алат како и презентација на сето културно богатство сочувано од семејството Деребан. Станува збор за проект поддржан од ЕУ со грант преку Проектот за регионална и локална конкурентност, а предвидува нов објект, внатрешно уредување, со три простории од кои едната е резервирана за поставка во која е изложен накит и предмети изработени од филигрански мајстори, потоа историски преглед на филигранскиот занает низ времето, како и работилница за изучување, запознавање и презентација на вештините на филигранството.   - Пред туристите кои доаѓаат во Охрид, но и пред нашите сонародници да презентираме она што го имаме, сето наше богатство за да видат кои сме биле и кои сме и да дадеме поттик сложно да работиме и да градиме тука во нашата Македонија, изјави Никола Деребанов, внукот на мајстор Вангел Деребан. Никола, кој инаку работи како директор во позната винарија, рече дека и тој како и неговиот татко, па и прадедо, се мајстори кои го познаваат филигранскиот занает. - Имаме еден аманет од дедо ми, без разлика што и да е нашата професија, секогаш да го чуваме она што го познаваме за занаетот. И јас и татко ми го знаеме филигранството. И мојот прадедо кој бил учител, знаел да работи филигран, тоа и го работел во поодминатите години од животот, рече Никола Деребанов. Во изложбениот простор е презентиран накит стар и неколку века што ги собирал неговиот дедо, но и парчиња што самиот Вангел Деребан ги изработувал. - Експонатите изложени во музејот се семеен накит, парчиња што дедо ми и неговиот татко ги собирале, а се од 18 и 19 век, изработени од македонски кувенџии. Има целосен накит и женски и машки, од украси за глава, накит за облека, верски и црковни предмети се до машки предмети од филигран како ќостеци, чибуци и слично, рече тој. Дел од објектот е наменет за работилница каде тројца мајстори од Охрид ќе бидат ангажирани да изработуваат филигран, да подучуваат млади заинтересирани за занаетот, но и да презентираат пред заинтересираните и туристите како се изработуваат филигрански предмети. Во рамки на свеченоста на отворањето на музејот со работилницата беше презентирано и реизданието на книгата „Македонскиот накит“ на Вангел Деребан. аб/лв/

Остани поврзан