• недела, 24 ноември 2024

Во Охрид отворена 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

Во Охрид отворена 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

Охрид, 16 август 2024 (МИА) – Шеесет и пет семинаристи – македонисти од 17 земји од целиот свет, како и 81 учесник на Меѓународната научна конференција денеска ќе впловат во македонистиката, со учеството на 57. Издание на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ што наредните две седмици ќе се одржува во Охрид.

Семинарот го отвори и со поздравна реч на учесниците им се обрати покривителот на собирот, претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

- Имам чест да го поздравам големото македонистичко академско собрание кое токму денес се сплотува кон нов подем, нова историја, која се гради и згуснува со енергии и потенцијали од целиот свет – слевајќи се во една голема македонистичка научна идеја кон развој на македонистиката, предводена од култната институција со 57-годишна традиција – Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од денес, македонистичкото научно „семе“ ќе биде посеано во Охрид, а потоа насекаде кон светот, рече таа.

Сиљановска Давкова потсети дека историјата на културните, просветните и духовните процеси - длабоко е втисната во нашата суштина, нашиот македонски ентитет, и затоа поимите: македонски јазик, писменост, литература и култура треба да бидат овековечени во културната историја, културната и историската меморија.

- Ние треба да покажеме институционална грижа за развој на дејноста на Меѓународниот семинар и лекторатите, потребно е да се развива високообразовна, научна и културна размена преку дијалог со светот, а важно е да се поттикнува и културната дипломатија, која е прекрасен мост на соработка и прозорец кон светот, но и прозорец кон нашите културни трезори и најнови достигнувања, рече меѓу отстанатото претседателката, која истакна дека Меѓународниот семинар со својата долгогодишна дејност претставува достоен континуитет на величествената мисија на сесловенските просветители, првоучители, културни дипломати и визионери - Светите Кирил и Методиј, чија мисија, доследно ја продолжија и ја развиваа најверните им ученици Свети Климент Охридски и Свети Наум Охридски.

Дека обврска на институциите и на државата во целост е да  се негува македонскиот јазик и системски да се работи на зацврстување на позицијата на македонската литература и култура во светот потсети и министерката за образование и наука Весна Јаневска.

- Негувањето на македонскиот јазик и зацврстувањето на неговата позиција на глобално ниво е програмски приоритет на новата Влада. Од аспект на евроинтеграцијата на државата, тоа значи зајакнување на преведувачките и толкувачките капацитети за македонски јазик, со цел навремена и квалитетна подготовка на националната верзија на европското законодавство и обезбедување квалитетна поддршка во текот на пристапните преговори, рече таа.  

Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура е неповторлива можност за учесниците да ги усовршат и збогатат своите знаења од областа на македонистиката и кога ќе се вратат во своите средини, да бидат нашите најдобри промотори...  

Свое обраќање пред учесниците имаше и министерот за надворешни работи и надвореша трговија Тимчо Муцунски, кој потсети дека повеќе од половина век УКИМ преку овој Семинар ја афирмира македонистиката, македонското писмо и ги запознава учесниците со непресушниот извор на вредности што ги поседува македонскиот литературен јазик.

- Сето ова има исклучителна дипломатска димензија и интерес поради тоа што овозможува да се чујат најновите истражувања од областа на македонскиот јазик и истите да бидат споделени, како пред македонската така и пред меѓународната јавност. Токму престојната Летна школа има можност да ги претстави и обедини истражувањата од македонските и странските македонисти, слависти и балканисти, нешто што понатаму е од особен интерес од дипломатски аспект за што подобро претставување на македонсиот јазик, литература и култура на светски рамки, рече тој.

Муцунски истакна дека негувањето, изучувањето и промовирањето на македонскиот јазик треба да претставува мисија за секој од нас, затоа што јазикот и културата се најголемото богатство на еден народ, тие го претставуваат стожерот на една држава.

Директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, Кристина Николовска, истакна дека овој настан претставува колосален македонистички собир, празник на светската и домашната македонистика, златоврв на македонистиката каде сите македонисти се претплетуваат во сјајна синергија...

- Отвораме врата за 150 посветеници на една возвишената идеја со подновен концепт и визија. И тоа светска македонистика, а не странска оти никогаш не сме биле туѓи, туку сме македон-исти, исти во убавата идеја да вдлабиме во прекрасната филолошко-културолошка наука, раскошна ѕуница од наука за македонсккиот јазик, литература и култура, рече таа пред учесниците.

Ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, истакна дека поставените идеали за врвна наука и за највисоки стандарди во високото образование ориентиран кон севкупен оштествен и културен просперитет УКИМ го носат на патот на континуирана посветеност на поставените цели за јавна визија за отворен и соверемен интегриран универзитет на новото време кој се развива соочувајќи се сите предизвици што стојат на тој пат.

- Нека зборот развивање биде водилка во учењето и нека секој работен ден од Семинарот биде подем кон развој на македонистиката како јазик со длабока традиција...Токму дејноста на Меѓународниот семинар низ неговата 57-годишна традиција и активност континуирано го афирмира македонскиот јазик како средство на духовна, жива активност, рече таа истакнувајќи дека дејноста на Меѓународниот семинар во Охрид е висок приоритет на УКИМ на кој се дава максимална поддршка и афирмација.

Поаѓајќи од важноста, значењето на Семинарот за Универзитетот, за државата, за македонистиката, во годината кога УКИМ го одбележува 75-годишниот јубилеј, ја прогласи 2024 за година на македонистиката.

На Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, основан во 1967 година, досега учествувале  повеќе од четири илјади учесници од над 70 земји од сите континенти, меѓу кои истакнати македонисти, слависти, балканолози, филолози, културолози, академици, меритуси, раководители на катедри, на лекторати, професори, предавачи, лектори, студенти, преведувачи, промотори...научни работници кои го изучуваат македонскиот јазик на лекторатите на МСМЈЛК и на универзитетите во светот.

Една од нив е Олга Панкина, филолог дипломец на Московскиот универзитет и на македонски јазик на УКИМ, која со децении работи на промоција на македонскиот јазик, македонската литература, култура во Руската Федерација. Во таа насока таа во 2010 година во Москва го формира Македонски културен центар што успешно работи изминатите години. Панкина има преведено повеќе од 300 македонски литературни дела на руски јазик. Потврда за интересот за македонската литература во Русија е тоа што минатата година романот „Папокот на светот“ на Венко Андоновски ја доби наградата „Јаснаја полјана“, највиска литературна награда во Руската федерација за странска литература.

- Токму работата на Македонскиот културен центар во Москва и сите мои преводи придонесуваат за популаризација на македонската литература и на македонскиот јазик. Наградата на Андоновски е потврда дека македонската литература веќе е позната во Русија, дотолку повеќе што тоа е прва награда што Руската Федерација ја доделува на автор од словенска земја. Сметам дека тоа е голема победа за македонскиот јазик. Македонскиот јазик за мене не само што постои, туку тој е жив и се развива, рече Панкина, која својата дипломска теза на УКИМ ја работела под менторство на Блаже Конески.

Со нова визија, подновен концепт и збогатени содржини, МСМЈЛК при УКИМ овозможува извонредна можност македонскиот јазик, литература и култура да се изучуваат во тек на две седмици од страна на врвни професори, предавачи, научни работници и соработници, истакнати македонисти, филолози, културолози, фолклористи, етнолози, музиколози, филозофи и историчари. 

Годинава Програмата на Летната школа има подновен концепт со нови и богати содржини. Семинарот покрај редовната, задолжителна настава со вежби, предавања, курсеви по избор, но и амбиентална настава во прекрасни амбиенти од културно-историското наследство на Охрид, промоции, средби со уметници и писатели, културно-научни екскурзии на значајни археолошки, историско-културни локалитети, културно-уметничка програма, дебати, тематски вечери, интерактивна програма.

Годинешната 57. Летна школа ќе мине во знакот на одбележување неколку важни јубилеи: 75 години од основањето на УКИМ, 150 години од раѓањето на великанот Крсте Мисирков, 95 години од раѓањето на великанот Гане Тодоровски и 90 години од раѓањето на великанот Петре М. Андреевски. аб/нд/

фото/МИА

 

 

 

Остани поврзан