• четврток, 26 декември 2024

Во Охрид задутре 50 традиционален Општински натпревар по прва помош

Во Охрид задутре 50 традиционален Општински натпревар по прва помош

Охрид, 11 април 2024 (МИА) – Во рамки на своите активности и јавни овластувања во делот на првата помош, Општинската организација на Црвениот крст од Охрид задутре ќе го организира традиционалниот 50-ти по ред Општински натпревар по прва помош.

На натпреварот, што годинава се одржува под мотото „Првата помош спасува животи“, стекнатите знаења и техники за укажување на прва помош ќе ги покажат повеќе од 150 ученици-натпреварувачи од основните и средни училишта од Охрид и Дебрца, организирани во екипи во категорија подмладок и категорија младина.

И оваа година на општинскиот натпревар по прва помош ќе се применуваат критериуми и стандарди кои се спроведуваат при одржување на европските натпревари по прва помош. Во таа насока, натпреварувачите, но и посетителите на овој настан, на повеќе пунктови низ градот Охрид, почнувајќи од плоштадот „Св.Климент Охридски“, на платото пред Градската библиотека, по Градскиот кеј, ќе бидат сведоци на симулирани случки на несреќи, изведени од членовите на актерските групи на Црвен крст- Охрид, како и реалистички приказ на повреди, подготвени од посебно обучени шминкери за повреди на Црвен крст - Охрид.

За регуларноста и оценувањето на натпреварувачите ќе се грижат 15 судии за прва помош на ОО на Црвениот крст. аб/дма/

Фото: плакат  

 

Остани поврзан