• сабота, 23 ноември 2024

Во Основниот суд во Куманово продолжи рочиштето против кумановскиот градоначалник Димитриевски

Во Основниот суд во Куманово продолжи рочиштето против кумановскиот градоначалник Димитриевски

Куманово, 17 јуни 2024 (МИА) - Во Основниот суд Куманово денеска продолжи рочиштето во кое е обвинет кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски за злоупотреба на службена положба и овластувања, по кривична пријава поднесена од кумановски градежни фирми за случај со не добивање дозволи за градење згради во Куманово.

Градоначалникот Димитриевски потенцира дека не се чувствува виновен.

Наредната расправа е закажана за 2. јули, кога ќе биде сослушан уште еден сведок од секторот за урбанизам од општина Куманово. 

Градежните фирми сметаат дека се оштетени бидејќи истиот состав на совет и градоначалник изгласале ДУП, во кој сакале да вложат инвеститорите, подоцна Советот на предлог на градоначалникот донел одлука за суспензија на ДУП-от, кој се однесува на парцела во близина на гимназијата и школската амбуланта.

На расправата беа изведени вербални докази, беа сослушани двајцата сопственици и сведок предложен од обвинителството. Две градежни компании од Куманово „УПМ-ГРУП“ ДООЕЛ и „ХРОМАК Емил“ ДООЕЛ, сметаат дека Димитриевски ја злоупотребил функцијата градоначалник и ги оштетил. 

Според Бобан Спасовски, сопственик на „УПМ Груп“, градоначалникот намерно ја злоупотребил положбата и не дал навремени одобренија за градба, ниту пресметка за плаќање на комуналии. Тој кажа дека ќе побара и отштета, обвинувајќи дека градоначалникот преку администрацијата ја доцнел постапката.

Емил Георгиевски, сопственик на „Хромак“ рече дека неговата фирма била задолжена за оператива, а неговиот партнер за административни работи. Двајцата, одговарајќи на прашања на одбраната на обвинетиот кажаа дека е пракса да се склучуваат договори со изведувачи кои требало да извршат активности на градежната парцела пред да почне изградбата и дека се нафатиле да платат аванс со неколку изведувачи. Според Георгиевски, така прават и сега во други градови и соседни земји. И Георгиевски ќе побара оштета. Правните лица побаруваат околу 3, 3 милиони денари.

Одбраната имаше прашања, како пред да добијат дозвола почнале постапки со други компании изведувачи, се нафатиле да платат и аванс, иако дозволата воопшто ја немале и дека одлуката за изградба важела за сите објекти не само за спорниот објект, даден во проектот на фирмите. Спасовски кажа дека е бизнисмен и презема ризици и оти ова било пракса востановена во нивната сфера.

На денешната расправа беше сослушана и раководителката на сектор за комунални дејности, Лидија Ланг Спасовска, која рече дека надоместоците законските рокови се куси и дека се потребни потписи од советник, раководител и градоначалник. ам/цр


Фото: МИА

Остани поврзан