• петок, 27 декември 2024

Во Основниот суд во Кочани недостигаат четири, а во Виница двајца судии

Во Основниот суд во Кочани недостигаат четири, а во Виница двајца судии

Кочани, 8 мај 2023 (МИА) – Основните судови во Кочани и Виница се соочуваат со сериозни тешкотии во работењето поради недостиг од судии, иако обемот на работа во изминатиот едногодишен период не им е намален.

Во Основниот суд Кочани, кој има проширена надлежност и за дел од соседните општини, од предвидените десет во моментот се вработени осум судии, а еден од нив истовремено е и претседател на Судот. Проблемот е многу поизразен затоа што двајца од судиите се делегирани на работа во основните судови во Виница и Берово, што значи дека и за кривичните и за прекршочните постапки на територијата што ја покрива институцијата ангажирани се само шест судии, односно еден судија работел на околу 5.600 жители.

- Состојбата уште повеќе ќе се усложни кон крајот на оваа година затоа што во септември еден судија ќе замине во пензија. Според најавите од Судскиот совет очекуваме во наредниот период да добиеме еден судија, но неговото активно вклучување во постапките веројатно ќе потрае извесен период поради завршување на потребните процедури, истакна Марија Стојанова, судски администратор во Основниот суд во Кочани.

Во текот на 2022 година Основниот суд Кочани за решавање имал 14.461 предмет од кои до крајот на годината незавршени останале 2.291 предмет. Неговото работење е оценето како неажурно, со оглед што не бил решен новиот прилив од 268 предмети.

- Во Основниот суд Виница, наместо потребните тројца имаме само еден судија кој истовремено е и негов претседател. Решавањето на предметите се одвива отежнато, а извесно олеснување во реализацијата е работењето на делегираниот судија од Основниот суд во Кочани. Минатата година започна со 4.886 предмети од кои до крајот на декември нерешени останаа 551, но работењето е оценето како ажурно затоа што е намален бројот на заостанати предмети од порано, истакна Коле Илијев, одговорно лице за односи со јавноста во виничкиот суд. та/ир

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан