• недела, 24 ноември 2024

Во Општина Теарце отворена канцеларија за бесплатна правна помош

Во Општина Теарце отворена канцеларија за бесплатна правна помош

Тетово, 26 јули 2023 (МИА) - По Општина Боговиње денеска и Општина Теарце доби канцеларија за бесплатна правна помош. И оваа канцеларија се отвора со поддршка на Советот на Европа и тука жителите ќе можат да ги добијат бараните информации, а тука им е обезбедена и бесплатна правна помош.

-Нашата агенда почна во Општина Боговиње, а денеска ја отвораме канцеларијата за бесплатна правна помош и во Општина Теарце. Сите граѓани на оваа Општина ќе имаат можност оваа услуга да ја добиваат во реално време и блиску до нив. Бевме во Боговиње, денес сме во Теарце, а в петок во Гевгелија и понатаму најавуваме дека во секоја општина во Македонија ќе отвориме вакви канцеларии за бесплатна правна помош. Исто така подготвуваме и едно комби возило, каде оваа услуга ќе се дава мобилно во секое населено место, изјави министерот за правда Кренар Лога.

Овие канцеларии се проект на Советот на Европа за консолидација и поефикасен систем за бесплатна правна помош со цел зајакнување на пристапот до правдата. Канцелариите се поддржани и од власите на Република Северна Македонија и Министерството за правда.

- Општина Теарце обезбеди простор каде ќе бидат сместени вработените од Министерството кои ќе ја нудат услугата со граѓаните. Ние, не само од Министерството за правда, туку и од сите други министерства побаравме се тоа што е потребно за граѓаните, но не само од нашата Општина, туку и регионално, што може да биде пристапно, да го добијат во нашите простории. Успеавме, со максимална ангажираност на министерот кој се заложи и другите правно-имотни проблеми кои ги имаме со основните училишта и со канцелариите за матична евиденција да се решат во наредниот период, изјави градоначалникот на Општина Теарце Нухи Незири.

Од Советот на Европа, кои го поддржуваат овој проект, велат дека овие канцеларии освен што ќе бидат место каде граѓаните ќе можат да се информираат, тие ќе придонесат и за јакнење на свеста кај граѓаните за постоењето на бесплатната правна помош.

- Покрај отворањето на канцеларијата за бесплатна правна помош во Општина Теарце со која значително ќе се зајакне пристапот до правдата на граѓаните кои живеат на оваа територија, ова ќе придонесе и за промоција на бесплатна правната помош, односно јакнење на свеста кај граѓаните за постоењето на бесплатната правна помош. Овде граѓаните можат да дојдат и да се информираат за тоа: Што е бесплатна правна помош? Каде да се обратат за неа? За кои прашања може да се обратат за бесплатна правна помош?, изјави Ирена Цуцулоска Јакимовска од Совет на Европа.

Освен отворањето на канцеларијата за бесплатна правна помош, министерот Лога и градоначалникот Незири потпиша и Меморандум за соработка со Општина Теарце. ас/мд/

Фото: МИА 

Остани поврзан