• среда, 25 декември 2024

Во октомври за 55 отсто намален бројот на жртви во сообраќајни несреќи 

Во октомври за 55 отсто намален бројот на жртви во сообраќајни несреќи 
Скопје, 15 ноември 2021 (МИА) - Бројот на жртви на сообраќајниците во октомври 2021 година е за 55 отсто помал во споредба со истиот месец лани, соопштија денеска портпаролот на МВР, Тони Ангеловски и претседателката на РСБСП, Гордана Кожувароска на одбележувањето на 15 ноември - Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи. Ангеловски им се заблагодари на мнозинството граѓани кои се приклучија во напорите да обезбедиме што е можно побезбедни патишта, како и на полициските службеници, кои секојдневно даваат придонес за безбедноста на патиштата. - Во октомври оваа година имаме пет жртви во сообраќајните несреќи, а во октомври минатата година имало 11. Ова е сериозно намалување, но ние продолжуваме со интензивните активности за овие бројки да се намалуваат и натаму и ги повикувам и оние граѓани кои досега не ги почитуваа правилата да ни се приклучат и сите заеднички да обезбедиме безбедни патишта, рече денеска Ангеловски. Според него, 2020 година беше најбезбедна година според бројот на жртви на патиштата, но првите десет месеци од 2021 година, како што посочи, покажуваат дека тој примат може да го преземе тековната, како година со најмал број на жртви на патиштата. За дополнително намалување на бројот на жртви во сообраќајни несреќи МВР и РСБСП продолжуваат со превентивните активности, но и со засилени контроли за санкционирање на учесниците во сообраќајот кои не ги почитуваат законите. Во текот на вчерашниот ден санкционирани се 663 возачи поради возење со брзина поголема од дозволената. - За да се сврти вниманието на трагичните последици од сообраќајните несреќи, да се изрази почит кон загинатите и солидарност кон нивните семејства, како и да се подигне свеста за фаталните последици од неодговорното однесување во сообраќајот, Организацијата на Обединетите Нации усвои резолуција со која повикува на одбележување на Светскиот ден за сеќавање на жртвите во сообраќајни незгоди. Апелираме заеднички  да го направиме сообраќајот побезбеден, почнувајки секој од себе, од сопствените грешки и од сопственото однесување во сообраќајот.  Време е!  Разбуди ја свеста  и  кажи стоп за смртта на  патиштата, рече Гордана Кожувароска, претседателка на РСБСП. Годишно, 1.3 милиони луѓе во целиот свет го губат животот во сообраќајни несреќи, а 20 до 50 милиони лица се повредени. - Тоа значи дека во светот на секои 25 секунди едно лице го губи животот во сообраќајна несреќа, рече Кожувароска. Ангеловски и Кожувароска ги потсетија граѓаните дека од денеска 15 ноември, па до 15 март задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема за безбедно учество во сообраќајот. цр/сп/

Остани поврзан