• четврток, 26 декември 2024

Во Овчеполието во полн ек е жетвата на јачменот

Во Овчеполието во полн ек е жетвата на јачменот

Штип, 26 јуни 2022 (МИА) - Во полн ек е жетвата на јачменот во Овче Поле, втората по големина житница во земјава. Ангелчо Стојчов претседател на Здружението „Овчеполски фармер “- Свети Николе, вели дека јачменот се откупува по цена од 16,5 денари за килограм.

Стојчов посочи дека за разлика од лани, цената е повисока, но, годинава и трошоците за производство неколкукратно се зголемени. Смета дека приносите од два до три тони по хектар нема да ги покријат трошоците на земјоделците.

- Откупната цена не е добра, бидејќи секојдневно се покачува нафтата, репроматеријалите веројатно и за идната сеидба ќе бидат доста, доста поскапи и оваа цена мислам дека е ниска, вели Стојчов.

Според пресметките, да се собере житото од нивите ќе чини од 8 000 до 10 000 денари по хектар. Земјоделците со нетрпение ја очекуваат производствената цена на пченицата, што, според нив, не треба да биде под 22 денари.

Приносите на пченица во Oвчеполско од година во година се намалуваат, за земјоделците вината е во лошиот семенски материјал, а годинава и скапото вештачко ѓубре, што поради недостиг на пазарот, го фрлиле предоцна на нивите.

Жетвата на лебното зрно почнува во јули. Приносите од јачмен, кој е посеан на 48 000 хектари се очекува да ги задоволи потребите на сточарите, но не и пченицата, која е засеана на околу 78 000 хектари.

Поради војната во Украина и економската криза, државата изминатите месеци распиша огласи за распределба на земјоделско земјиште, со цел да се зголемат површините на житните култури и сончогледот. вдј/ар/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан