• вторник, 20 јануари 2026

Во Неготино отворена патувачката изложба „Ана Франк – Историја за денес“ 

Во Неготино отворена патувачката изложба „Ана Франк – Историја за денес“ 

Неготино, 2 јули 2025 (МИА) - Патувачката изложба „Ана Франк – Историја за денес“, беше отворена синоќа во амфитеатарот на Спомен костурница во Неготино, како плод на соработката на Младински образовен форум (МОФ) и „Ековита" од Неготино. 

Изложбата претставува збир од триесет и девет изложбени панели кои носат бројни детали од животот на малата Ана и нејзиното семејство од Втората светска војна. 

- Изложбата е отворена во Македонија во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за сегашноста“, а организатори се Младински образовен форум и Куќата на Ана Франк од Амстердам. Во изложбата има и панели кои се креирани посебно за македонскиот контекст во периодот по Втората светска војна до денес, а изработени од домашните експерти Мишо Докмановиќ и Бесник Емини, појасни Ристо Савески, претседател на МОФ и координатор на изложбата. 

Тој истакна дека она што ја прави оваа изложба поинаква е што водичи за посетителите се млади волонтери, членови на МОФ, обучени од МОФ за да ја раскажат приказната на Ана Франк. 

- Проектот во чии рамки е изложбата, е поддржан од Европската унија. Во рамки на проектот воден од Куќата на Ана Франк, а во соработка со организациите МОФ, ХЕРМЕС, Младинска иницијатива за човекови права и Отворена комуникација, изложбата ќе биде достапна за младите од Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија. Во Македонија изложбата доби поддршка од Министерството за надворешни работи, Министерството за култура, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Амбасадата на Кралството Холандија, појасни Савески. 

Тој подвлече дека проектот има за цел да го покрене вниманието и поттикне дискусија за настаните од блиското минато на Западен Балкан кои се причина за различни поделби и генерирање на конфликти во минатиот век. 

- Преку промовирање на критичко размислување за настани од историјата и нивното значење во современото време и случувања, целта на Anne Frank House и партнерите е да се постигне помирување преку дијалог за заедничкото минато, нагласи Савески. свд/дма/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан