Во Неготино лица со попреченост вклучени во работата на „Комуналец“
- Лица со попреченост се вклучуваат во работата на јавното претпријатие „Комуналец“ во Неготино, информираа денеска од претпријатието.

Неготино, 7 март 2025 (МИА) - Лица со попреченост се вклучуваат во работата на јавното претпријатие „Комуналец“ во Неготино, информираа денеска од претпријатието.
- Со нашите вработени ќе ги вклучиме и нашите сограѓани, лицата со интелектуална попреченост од Центарот за лица со ментален хендикеп „Порака“ Неготино од Неготино, во заедничката акција за почиста и еколошки освестена Општина Неготино. Веќе е познато дека ЈП „Комуналец“ секојдневно во рамки на своите овластувања и работни задачи се грижи за чистотата, хигиената, зеленилото и за се друго за кое има овластување и обврска. Оваа акција е осмислена со нашите пријатели и сограѓани со интелектуална попреченост, сограѓани кои долго време пред да бидат згрижени и прифатени во огромното семејство на „Порака“ Неготино, биле длабоко на маргините на нашето општество, соопштија од претпријатието.
Оттаму изразија задоволство за вклучувањето на лицата со попреченост во заедничката акција.
- Акција, во која ние даваме нова и несекојдневна можност, лицата со интелектуална попреченост да бидат вреден чинител во собирањето на отпадот од пластика, чистењето на јавни површини и заедно да дадеме придонес за да ја подигнеме свеста за чиста и здрава околина, што е обврска на сите нас. Ако нашето мото е чесна и транспарентна грижа за околината, убедени сме дека со нашите пријатели од „Порака“ Неготино, преку нивен работен ангажман, ќе ја ставиме нашата Општина на некои од првите неколку места на врвот, за чиста и освестена околина, истакнаа од „Комуналец“.
Оттаму ги повикаа сите граѓани, институции, бизнис субјекти, да им дадат поддршка на овие лица и самите да се вклучат во активности што ќе значат подобар живот за сите. свд/ев/
Фото: „Порака“ Неготино