• сабота, 23 ноември 2024

Во највисокиот суд на ОН почнува рочиштето за израелскиот воен упад во Рафа

Во највисокиот суд на ОН почнува рочиштето за израелскиот воен упад во Рафа

Хаг, 16 мај 2024 (МИА) - Во највисокиот суд на ОН денеска почнува дводневно рочиште за барањето на Јужна Африка да се запре воената операција во градот Рафа на југот на Појасот Газа, каде што повеќе од половина од жителите на палестинската територија се засолниле од конфликтот.

Јужна Африка побара од Меѓународниот суд на правдата (МКС) по четврти пат да нареди итни мерки откако земјата започна судење поради наводите дека воените дејствија на Израел во војната против Хамас се граничат со геноцид.

Израел тврди дека Рафа е последното упориште на екстремистичката група Хамас и ги отфрла предупредувањата од САД и другите сојузници дека голема операција во градот би била погубна за цивилите.

Јужна Африка побара од судот да му нареди на Израел да се повлече од Рафа, да преземе мерки за да обезбеди непречен пристап на службениците на ОН, хуманитарните организации и новинарите до Појасот Газа и да поднесе извештај во рок од една недела за тоа како се исполнуваат тие барања.

На претходните сослушувања, Израел негираше геноцид во Газа и тврдеше дека прави сè за да ги поштеди цивилите, а дека цели само на екстремистите на Хамас, чија тактика е да се кријат во цивилни области, што го отежнува избегнувањето на цивилни жртви.

Во јануари, судиите му наредија на Израел да стори сé што може за да спречи смрт, уништување и сите акти на геноцид во Газа, но судскиот совет не нареди прекин на воената офанзива што ја опустоши малата енклава. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан