• сабота, 23 ноември 2024

Во најава повеќе интервенции во зградата на НОБ, следната година ќе се вложува и за репертоарната политика

Во најава повеќе интервенции во зградата на НОБ, следната година ќе се вложува и за репертоарната политика

Скопје, 2 октомври 2024 (МИА) - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска ја посети НУ Национална опера и балет, при што напомена дека ќе следат повеќе интервенции во оваа институција. Ќе се интервенира во делот на ателјето, а распишан е и тендер за интервенирање на главниот влез и целото фоаје. Исто така, за 2025 година се најавува дека ќе се вложат повеќе средства за репертоарнота политика на НОБ.

-Ова е најстарата институција во Македонија од овој вид. Денеска бев во обиколка на поголемиот дел од просториите на НОБ, во просториите на вработените, но и во делот кај што ни доаѓа публиката. Разликата што можам да ја видам од пред две години до денес е многу голема, бидејќи директорот на институцијата има направено повеќе интервенции и во самиот изглед на установата, но и во делот на подобрување на условите на вработените. Директорот е пример како во рок од сто дена може да се направат суштински промени во една голема и обемна институција. Првото нешто што го имате е впечатокот кога ќе се влезете во службениот влез, има сосема нов лик направен со сопствени средства, со донации, со спонзорства, изјави Љутков за време на неговата посета.

Тој посочи дека се направени промени во делот на тоалетите за посетителите, но во очајна состојба е влезот на фоајето, бидејќи во последните седум години немало никаква интервенција во овој објект.

Како што напомена, со ребалансот на буџетот се обезбедија платите и финансиите кои што беа потребни за вработените во НОБ.

-Во наредниот период ќе следат уште голем број интервенции, а тоа е во делот на ателјето, бидејќи ателјето е во многу лоша состојба. Таму е пребукирано со голем дел од застарена сценографија. Сега се работи на расчистување на просторот и обезбедување услови за другите сценографии кои што доаѓаат, рече Љутков.

Директорот на НОБ Оливер Арсовски изјави дека за следната година со министерот Љутков договараат поголеми интервенции во зградата. Тој напомена дека Министерството за култура ќе ја поддржи живата уметност, односно ќе вложи значителни средства во репертоарот на куќата.

-Имаме големо разбирање со министерот Љутков за сите проблеми кои се јавуваат. Вчера е распишан тендер за да се среди главниот влез и целото фоаје, за да не тече вода. Јас мислам дека од 2025 година ќе видите многу големи промени во репертоарнота политика на НОБ. Ние можеме да набавуваме разни спонзори, но главна е поддршката што ја добиваме од Министерството за култура. Поддршката сега е обемна, а според најавите од Министерството, расположени се да помогнат во живата култура, односно во репертоарната политика на оваа куќа, рече Арсовски.

Тој најави дека отворање на сезоната ќе биде на 16 октомври со оперско-балетски проект „Кармина Бурана“.

-Имаме цел репертоар до нова година, а до крајот на годината ќе го направиме и репертоарот за наредната година, за публиката да може да планира кој месец што може да се посети, додаде Арсовски.

На новинарско прашање до министерот за култура Зоран Љутков, во каква состојба се останатите културни установи, тој одговори дека е очајна ситуацијата во институциите, потенцирајќи дека седум години не се инвестирало.

-Освен во неколку, кои што се изградени во 2014/15 година, кои се понови објекти, во другите институции е очајна ситуацијата. Ова што го гледате сега, што има неколку промени, е направено за две ипол месеци. И онаму каде што биле распишувани тендери за подобрување на условите, во овие седум години ништо од тоа не е направено. До толку се девастирани институциите, што сега како да почнуваме да градиме од ново. МНТ е нова институција. Не е точно дека не е градена квалитетно. Која било институција, ако не ја одржувате, нормално дека ќе попушти. И дома ако не одржувате, ќе се случи нешто. Не ги третирале како да се нивна сопственост. Буквално, агресивно и вулгарно се однесувале кон институциите, рече Љутков.

Како што рече, МНТ можела да добива средства за поправки со 50 илјади евра, но овие средства седум години не биле одобрувани иако имало проект.

-МНТ можела да добива средства за поправки со 50 илјади евра, можеле да се направат интервенции и да нема повеќе штети. Тие седум години не ги одобрувале тие 50 илјади евра иако имало проект. Сега ние за наредната година ќе го санираме. Ќе имаме проект каде ќе запре протекувањето на МНТ, додаде Љутков.бт/аа/

Фото: МИА, МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан