• среда, 25 декември 2024

Во Народниот театар во Белград гостуваше Националната опера и балет со „Госпоѓиците од Авињон“

Во Народниот театар во Белград гостуваше Националната опера и балет со „Госпоѓиците од Авињон“

Белград, 28 јуни 2023 (МИА) - Националната опера и балет на Северна Македонија, гостуваше вечерва на Големата сцена на Народниот театар во Белград, со претставата „Госпоѓиците од Авињон“, во кореографија и режија на Олга Панго, јави дописникот на МИА од Белград.

Гостувањето на Националната опера и балет во Белград уследи по потпишувањето на договорот за соработка меѓу Националните театри, опери и балетот во рамки на иницијативата Отворен Балкан и гостувањето во април на македонската опера со Севилскиот берберин

-Многу сум возбудена што вечерва преставата во моја кореографија и режија, „Госпоѓиците од Авињон“ е на сцената на Народниот татар во Белград. Сите сме многу возбудени, има преубава публика и се надевам дека ќе оставиме добри впечатоци од она што ќе го понудиме, а ова е најдоброто од Македонскиот балет со деветте негови солисти и првенци, изјави Олга Панго, кореограф и режисер на балетската престава.

Задоволство од реализацијата на Отворен Балкан на културно поле, гостувањето во декември во Скопје на Балетот на Народниот театар во Белград со Жизел и вечерашното гостување во Белград на Македонската опера и балет изрази Ана Павловиќ, уметнички директор на Балетот на Народниот театар.

-Беше навистина преубаво после две децении да гостуваме во Скопје и да се освежи регионалната соработка, чиј заговорник сум, што е една од моите големи стратешки планови и еве сега на задоволство на сите ја затвораме сезоната со претставата Госпоѓиците од Авињон и среќни сме што можеме да бидеме домаќини на ансамблот и на првенците на Македоската опера и балет, изјави Ана Павловиќ, уметнички директор на Балетот на Народниот театар во Белград.

Преставата „Госпоѓиците од Авињон“ е балет во девет сцени со врвна авторска и соло екипа. Олга Панго изјави дека за кореографијата „од жанровска гледна точка, како основа бил користен класичниот балет, но изведбата има и модерен, современ шмек“. 

Музиката ја компонираше познатата македонска пејачка Калиопи Букле, а либретото и драматургијата ги напиша Сашо Димоски, кој ја демистифицира познатата истоимена слика на Пабло Пикасо. Уметниците тргнуваат на неверојатно патување, преку музика и кореографија да ги оживеат судбините на главните женски ликови во животот на познатиот шпански сликар.

Калиопи Букле изјави дека ова е втора нејзина музичка композиција и соработка со Олага Панго, по „Јас Исидора“.

-Инспирација за музиката ја црпев од текстот, од животот на Пикасо и неговите жени, а се започна од неговата слика „Госпоѓиците од Авињон“ и демистификацијата со драматургијата со што петте куртизани од сликата беа приикажани како петте најважни жени на Пикасо, изјави Калиопи Букле.

Во балетската престава играа Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Накевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаш Лоцеј, Агим Бафтии и Ендрју Кук. Костимограф е Раде Василев, а за мултимедија и дизајн на претставата беше задолжен Емил Петров. Премиерата на балетот „Дамите од Авињон“ се одржа на 9 март минатата година во Скопје. об/ев/

ФОТО: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан