• сабота, 23 ноември 2024

Во Народната банка се одржа 46. сесија на Клубот на истражувачите

Во Народната банка се одржа 46. сесија на Клубот на истражувачите

Скопје, 31 март 2023 (МИА) - Во Народната банка се одржа 46. сесија на Клубот на истражувачите, на која се презентирани два научни труда, „Преговарај за својот удел: Улогата на преговарачката моќ на работниците за трудовиот удел, со осврт на економиите во транзиција“, од авторите Марјан Петрески и Стефан Таневски и „Влијанието на кредитирањето врз економската активност во Република Северна Македонија“ од авторите Борче Треновски и Дашмир Саити.

Сесијата ја отворила вицегувернерката Ана Митреска, која нагласила дека Народната банка постојано ја охрабрува научно-истражувачката дејност, меѓу другото и со поддршка на промоцијата на трудови и автори. Посочила дека двата труда, презентирани на оваа сесија, се осврнуваат на теми што се релевантни за домашната економија. На сесијата присуствувала и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Tрудот „Преговарај за својот удел: Улогата на преговарачката моќ на работниците за трудовиот удел, со осврт на економиите во транзиција“, соопштија од Кабинетот на гувернерот, го обработува влијанието на преговарачката моќ на работниците врз трудовиот удел. Авторите прават поширока анализа којашто опфаќа 23 индустриски гранки во 69 земји, од кои 28 се земји во транзиција, притоа покрај квантитативни, користат и конструирани квалитативни показатели. Тие утврдуваат дека со поголема преговарачка моќ се остварува поголем трудов удел, што не е случај и со економиите во транзиција, кај кои поголемата преговарачка моќ на работниците не доведува и до поголем трудов удел.

Во трудот „Влијанието на кредитирањето врз економската активност во Република Северна Македонија“, се појаснува во соопштението, се утврдуваат големината и насоката на поврзаност на кредитната активност и економскиот раст во нашата економија. За таа цел, авторите избираат два пристапа ‒ првиот пристап го анализира влијанието на кредитите на приватниот сектор врз економскиот раст (по глава на жител), додека вториот пристап го анализира влијанието на кредитите на домаќинствата и претпријатијата врз инвестициите и потрошувачката и следствено врз БДП. Резултатите од анализата покажуваат дека врската помеѓу растот на банкарските кредити на приватниот сектор и стапката на економски раст е позитивна и значајна.

По презентацијата, на сесијата се водела дискусија меѓу учесниците, поттикната од презентациите на трудовите и од изнесените заклучоци. цр/аа/

Фото: Народна банка

Остани поврзан