• среда, 27 ноември 2024

Во Москва објавен романот „Бродот. Конзархија“ на Томислав Османли

Во Москва објавен романот „Бродот. Конзархија“ на Томислав Османли

Скопје, 6 мај 2024 (МИА) - Во рамки на меѓународниот проект и едиција „100 словенски романи“ деновиве во издание на Центарот за книга „Рудомино“ од Москва беше објавен преводот на руски јазик на романот „Бродот. Конзархија“ од македонски писател Томислав Османли. Преводот на руски јазик го направи Олга Панкина.

„Бродот. Конзархија“ е шестиот по ред роман од македонски автор кој се појавува на руски јазик во едицијата „100 словенски романи“, при што сите нив ги преведе Панкина. По „Дваесет и првиот“, ова е втор роман на Османли што Панкина го преведува на руски јазик. 

- „Бродот. Конзархија“ е дистописки роман временски сместен пред средината на XXI век. Неговото дејство се случува во 2039 година. Пишувајќи за блиската иднина, колку сугестивно и со богата мултимедиска фантазија, толку и духовито и атрактивно, Османли се обидува да ги открие карактеристиките на ова прагматично време полно со симулакруми, со холограми, со артифициелна интелигенција и слично, накусо - со лажни реалности и медиумски измами кои треба да станат нова реалност. Тоа време на крајот ќе се покаже како време на масовна илузија, на општи и индивидуални заблуди на едно конкретно, но и на генералното општество и цивилизација. Инаку, „Конзархијата“ е футуристички систем заснован на корпоративната реалност на новиот свет, креиран и детално опишан од самиот автор на романот, вели Панкина.

Според Османли, ова издание на руски јазик е особено значајно затоа што делото се појавува на еден огромен книжевен амбиент и пазар и во средина со голем број посветени и квалификувани читатели.

- Своите евентуални книжевни и жанровски вредности романот кој му припаѓа на жанрот на негативната утопија ќе ги провери во литературната средина која, со знаменитото дело „Ние“ на Јевгениј Замјатин во 1928, потоа и романот „Чевенгур“ на Андреј Платонов, всушност и ја иницира негативната утопија како посебен книжевен вид. Како што ме информира госпоѓата Панкина, таа нашиот роман неодамна веќе го претставила во рамките на тркалезната маса на тема „Антиутопија“ одржана на книжевен салон во Москва, вели Османли.

На 23 маj, наспроти денот на Словенските просветители Кирил и Методиј, Панкина ќе го промовира ова дело во Москва во Библиотеката за странска литература во рамки на нејзиниот проект „Читај ја Македонија!”.

Досега на руски јазик, а во превод на Панкина, објавени се и театарската пиеса на Османли насловена „Светулки во ноќта“, расказот „Облаци“, романот „Дваесет и првиот (Книга на фантазми)“ публикуван во рамките на едицијата „Македонскиот роман на 21 век“, од страна на истиот издавач од Москва. бак/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан