• четврток, 26 декември 2024

Во МНР одбележан 27 јануари - Денот на жртвите на Холокаустот: Да не ги забораваме злосторствата за да не се повторат никогаш повеќе

Во МНР одбележан 27 јануари - Денот на жртвите на Холокаустот: Да не ги забораваме злосторствата за да не се повторат никогаш повеќе

Скопје, 26 јануари 2024 (МИА) - Да не ги забораваме злосторствата од Холокаустот за да не се повторат никогаш повеќе. Сега е моментот да превенираме. 27 јануари е датум, кој треба да го паметиме исто како што треба да ја одржиме меморијата за страдањата на еврејскиот народ поврзани за Холокаустот и темната страна на поновата историја. Ова беше истакнато на денешниот традиционален настан што се одржа во Министерството за надворешни работи за одбележување на 27-ми Јануари – Меѓународниот ден во спомен на жртвите на Холокаустот.

Државниот секретар во МНР Филип Тосевски кажа дека во нашите демократии, се негува слободата на изразување, која за жал, понекогаш се злоупотребува и погрешно се подразбира при што и ден денеска некои умеат да прават грешки преку искривоколчување на историските факти поврзани со Втората светска војна од минатиот век или пак, вели, уште полошо со негирање на Холокаустот. 

-Таквите ставови на некои индивидуи низ светот, во Северна Македонија не можат да најдат корен. Ако се прашаме на што се заснова ова тврдење, одговорот е јасен. На овие простори 98 отсто од еврејската популација го доживеала најстрашното во 1943 година за време на фашистичката окупација. Од Монопол, денешниот тутунски комбинат во Скопје, 7144 Евреи, деца, жени, мажи биле депортирани во окупирана Полска во логорот на смртта –Треблинка, потсети Тосевски.

Тој истакна дека преостанатата преживеана еврејска популација од два проценти заедно со своите наследници, денеска брои околу 200 лица, кои, како што кажа, најдобро можат да сведочат за страдањата на своите предци и болните траги во нивните срца кои ги остави Холокаустот и финалното решение поддржано од Хитлер. 

-И покрај фактот што бројката на еврејската популација е мала во компарација со другите етнички заедници кај нас, таа е респектирана и претставува важен дел од нашиот мултиетнички и мултикултурен мозаик кои го промовираме како едно општество за сите, во кое сите сме еднакви без разлика на бројноста. Како такви и согласно нашиот модел на соживот, сметаме дека сме спремни за интеграција во ЕУ, која всушност претставува мировен проект каде различностите треба да се почитуваат, рече Тосевски.

Потсети дека лани се одбележаа 80 години од депортацијата на македонските Евреи и тоа во трите града од каде биле лишени од слобода- Битола, Штип, Скопје. 

-Исто така, за потсетување е дека во рамки на нашето претседавање со ОБСЕ, во Скопје, ја одржавме ОБСЕ конференцијата за борба против антисемитизмот во регионот на ОБСЕ. Причинува задоволство што на маргините на истата, специјалните претставници и национални координатори имаа посебна средба, подржана од Светскиот Еврејски Конгрес, во Меморијалниот музеј на Холокаустот кој се наоѓа на неколку минути пеш од овде. Овде би сакал да истакнам уште еден важен проект во кој е вклучено Министерството за култура. Министерството учествува во заедничкиот проект „Образование за холокаустот и меѓу-културното разбирање во Југоисточна Европа: обновување на екс-југословенскиот павилјон во Аушвиц“, координиран од Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Венеција. Проектот е, всушност, обновување на изложбениот простор на Блок 17 во Аушвиц и креирање заедничка постојана изложба за холокаустот, рече тој. 

Од едукативен аспект, додаде Тосевски, во насока на превенирање на дисторзија на историските факти неопходно е вложување во образованието на оваа тема, за што се залагаат и земјите членки на ИХРА и за таа цел, додаде, во октомври започнаа курсеви на Правниот факултет за Холокаустот поддржани од Claims конференцијата. П

Тосевски истакна дека изминатата година ќе биде забележана по нападите од 7 октомври врз невини цивили во Израел кои остро ги осудивме. -Во тој терористички напад имаше жртви носители на други државјанства, но никогаш не сме се соочиле со толкав број на Еврејски жртви после Холокаустот. Ваквата состојба на Средниот Исток која се уште трае предизвика хуманитарна криза во појасот Газа за која се разговараше во рамки на ООН. Воедно, вртоглаво нотираме зголемен пораст на антисемитизмот во светски рамки. Ваквата состојба не’ загрижува и посакуваме Евреите во светот да се чувствуваат безбедни и да не бидат цел на антисемитски напади од ниту еден вид. Впрочем, затоа и го одбележуваме 27 јануари, посочи тој. 

-Да не ги забораваме злосторствата од Холокаустот за да не се повторат никогаш повеќе. Сега е моментот да превенираме. Никогаш повеќе е сега! Ние остануваме посветени на заложбите кои произлегуваат од нашето членство во ИХРА. Ќе продолжиме со нашите активности, а истовремено и со одржувањето на меморијата на жртвите на Холокаустот. Тоа е наша должност и обврска. Тоа е превенција никогаш да не се заборават нивните страдања на жртвите и да не се дозволи повторување на геноцид било каде, заклучи Тосевски.

Амбасадорката на Израел во Северна Македонија, Симона Франкел, истакна дека седумдесет и осум години не делат од сабота на 27 јануари 1945 година и сабота 7 октомври 2023 година. 

-Овие важни датуми ја заслужуваат нашата целосна почит и убедена сум дека тоа ќе продолжи да биде случај и во иднина. Како и да е, тоа што сме овде и што зборувам со вас додека се уште беснее војната во Газа и додека се уште има 136 заложници коишто се држат, кои се мачени и сексуално злоупотребувани од страна на Хамас не можам да зборувам за ослободувањето на Аушвиц без да повикам на итно ослободување на нашите заложници во кои се вклучени и бебиња, постари луѓе од 80 години, млади жени и мажи, рече Франкел.  

Во сабота на 7 октомври кој беше еврејски верски празник, додаде таа, илјадници Евреи како во земјата така и насекаде низ светот претрпеа напад на 27 еврејски заедници и на музички фестивал кој повикуваше на мир. -Илјадници ракети беа лансирани кон Израел и резултираа со масакрирање, осакатување, силување на многу граѓани до кои можеа да стасаат терористите пред одбранбените сили на Израел да ги одбијат. Измачувани се родители пред своите деца, измачувани се деца пред своите родители. Имаме систематско силување и осакатување на мажи, жени и деца, рече Франкел. 

За нас, нагласи, граѓаните на Израел октомври 2023 година уште не е завршен. 

-За нас октомври веќе трае повеќе од 110 дена. Нападите што ги изврши Хамас оставија траен белег на нашите души. Има илјадници луѓе за кои овој ден, оваа темна сабота никогаш не заврши.  

Кажа дека Холокаустот е најлошиот период од еврејската историја и за човечкиот род во модерното време и оти се посветени на зачувување на паметењето на оние кои ја преживеаја холокаустот за нивното искуства да не бидат заборавени од нашите генерации, од нашите деца или од нашите внуци.  

-Пред две седмици кога Израел беше вовлечен во судски процес пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг за геноцид се соочивме со еден од најапсурдните чинови во меѓународните односи. Државата Израел е убедена зошто е усвоена Конвенцијата за геноцид и таа е најдобро запознаена со тоа. Дојде како резултат на убиството на повеќе од шест милиони Евреи во една систематска програма за нивно целосно уништување. Не сакам да го споредам холокаустот со масакрот од 7 октомври. Првото, е најголемата трагедија во современата еврејска историја, а вториот е најлошиот ден за Израел од формирањето на нашата држава. Не можеме да го игнорираме фактот дека доколку државата Израел постоеше Холокаустот немаше да се случи, посочи Франкел.  

Нагласи дека во одговор на колежот од 7 октомври за кое Хамас се заколна дека ќе го повтори, вродено право на Израел е и негова должност е да ја осигура безбедноста на сите заложници и на своите граѓани, како и дека Израел сака да создаде подобра и помирна иднина како за Израелците така и за Палестинците.  

Таа ја поздрави Владата на Северна Македонија за своето придржување на заедничката изјава потпишана од страна на 39 држави против антисемитизмот и за одлуката на Владата да се усогласи со последната одлука на Советот со која се осудува Хамас и со која Хамас станува предмет на конкретни мерки и санкции.  

Амбасадорката на Република Хрватска во својство на претседавач со IHRA, Нивес Тигањ, кажа дека Холокаустот, како незамислива трагедија, е предупредување и обврска за сите нас да ги зајакнеме нашите општества кои силно се спротивставуваат на секоја форма на дискриминација и нетолеранција.

-Едукацијата на нашите млади мора да игра клучна улога во ова затоа што само знаењето и свеста за историските ужаси, особено Холокустот, можат да ги научат идните генерации на заемно разбирање и почитување на диверзитетот и инклузијата. Наша заедничка должност и ибврска е да го зачуваме сеќавањето на жрвите од систематскиот прогон, геноцидот и екстремното страдање на Евреите, без да го заборавиме прогонот и на Ромите и на другите жртви на нацистичкиот режим, рече Тигањ.

Таа потсети дека во февруари минатата година Хрватска го почна своето едногодишно претседавање со Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (IHRA) која што, рече, е уште една потврда за нашата заложба за нашата борба против антисемитизмот и зачувување на сеќавањето за жртвите на Холокаустот, свесни дека нашата генерација е последната којашто имаше можност да се сретне со преживеаните и сведоците на Холокаустот и дека светот треба да одлучи како ќе изгледа глобалното сеќавање за Холокаустот без нив.

-Работата на хрватското претседателство е фокусиерана на иднината на сеќавањето. Во сржта на хрватската иницијатива е зачувувањето на современото сеќавање преку инвестирање и развивање на дигитални решенија, засновани на сведоштвата на преживеаните од Холокаустот. Гордост ми е да истакнам дека хрватската Влада изработи уникатни платформи за едукација на Холокаустот и зачувувањето на еврејскиот живот во Хрватска и со тоа Хрватска стана една од 15 земји во светот што му пристапуваат на истражувањето и едукацијата за Холокаустот и неговото сеќавање, користејќи најсовремени и напредни дигитални технологии, истакна таа.

Поптпреседателката на Еврејската заедница во Северна Македонија, Радојка Хелман Денковска, кажа дека ова е ден на болно сеќавање на жртвите од Холокаустот. 

-Ова е ден кога нема да останеме неми иако е тешко да зборувам но верувајте уште потешко е да се молчи. Денес е тажен ден, ден кога се еќаваме на шесте милиони Евреи жртви настрадани во Холокаустот а меѓу нив се и нашите, македонските Евреи – 7.144 Евреи, рече таа.

Повтори дека е извршен е најголем геноцид во историјата на човештвото.

-Злото не познава историска димензија, меридијани и континенти. Холокаустот не е трагедија само на еврејскиот народ. Тоа е пропаст на хуманоста. Тоа не е само лекција од минатото, тоа е лекција која не учи како да ја сочуваме човечноста во секој еден од нас. За жал, ние денес ја плаќаме цената на ненаучќената лекција од Втората свеска војна, рече Хелман Денковска. нд/са/

Фото: МИА

 

 

 

Остани поврзан