• петок, 27 декември 2024

Во мирување штрајкот во „Пошта“, до 27 април треба да се потпише спогодба за повисоки плати

Во мирување штрајкот во „Пошта“, до 27 април треба да се потпише спогодба за повисоки плати
Скопје, 15 април 2022 (МИА) - Генералниот штрајк во националната „Пошта“ што почна вчера е ставен во мирување до 27-ми месецов, до кој датум треба да биде потпишана спогодба со Управниот одбор со која ќе се  овозможи ефектуирање на ветувањето за зголемување на платите на вработените за 3.000 денари, информираа денеска синдикалните организации. Тие најавија дека работниот процес во А.Д „Пошта на РСМ“ ќе се одвива непречено во сите поштенски единици. - Синдикалните организации на Македонска пошта со започнување на генералниот штрајк на 14.04.2022 година, веднаш започнаа интезивни преговори со Управниот одбор на А.Д. Пошта на РСМ, со што се постигна договор за првото приоритетно барање на вработените за линеарно покачување на нето платата на вработените во износ од 3.000 денари. Синдикалните организации го прифатија предлогот на Управниот одбор, и во текот на вчерашниот ден Управниот одбор донесе одлука за линеарно покачување на платите на вработените која гласи: Се прифаќа барањето на Синдикалните организации на А.Д Пошта на РСМ за линеарно покачување на платите на вработените во износ од 3.000 денари. Динамиката на линеарно зголемување на плата со прво за вработените во технолошкиот процес платата ќе се зголеми со исплата на плата за јуни, за останатите вработени во администрација платата ќе се зголеми со исплата на плата за август, наведоа во соопштение синдикатите. Врз основа на донесената одлука од Управниот одбор, како што дополнуваат, следи потпишување на спогодба со УО на А.Д „Пошта“, во која ќе бидат опфатени сите точки од барањата на вработените наведени во одлуката за генерален штрајк на Синдикалните организации. - Рокот за потпишување на спогодбата со Управниот одбор е до 27.04.2022, со што до тој датум гнералниот штрајк ќе биде во мирување. Работниот процес во А.Д „Пошта на РСМ“ ќе се одвива непречено во сите поштенски единици во Македонија, стои во информацијата од синдикатите. По постигнатиот договор за повисоки плати синдикатите и генереланиот директор Јани Макрадули побараа што побрзо да се изгласаат измените на Законот за поштенски услуги, со кои повторно ќе се одложи либерализацијата на поштенскиот пазар во делот на универзалната услуга, што е во сила од почетокот на годинава. Тоа, како што рече, претседателот на Синдикатот на Македонска пошта, Боро Велигданов, ќе им даде простор за комплетно нова реорганизација и систематизација со што ќе воведат професионализам и позиционирање на пазарот за поштенски услуги. Генералниот директор на „Поштата“, Јани Макрадули, пак, смета дека на поштенскиот пазар има квази либерализација. - Кога нема реален Закон за поштенски услуги во делот на либерализацијата бидејќи кај нас има квази либерализација, за фер пазар нам ни треба еден поинаков закон кој не зависи само од вработените, не зависи само од менаџментот на Поштата, туку зависи од повеќе институции, рече Макрадули. Според директорката на Агенцијата за пошти, Билјана Аврамовска Ѓореска, по либерализацијата на пазарот на поштенските услуги давателот на универзалната услуга сметал дека со отворање на пазарот ќе ги изгуби писмата како услуга односно ќе ја изгуби доминантноста на обезбедување на овие услуги, но  анализите покажале сосема поинакви податоци. - Анализирајќи ги податоците на давателот на универзалната услуга, за две полугодија од 2021 година, ситуација беше следна: Во првото полугодие од 2021 година имаме укинување на монополот и воведување на целосна либерализација на пазарот за пратките за коресподенција – писма до 50 грама. Во второто полугодие од 2021 година имаме повторно враќање на монополот за пратките за коресподенција – писма до 50 грама. Она што е карактеристично за одбележување е дека во две полугодија од 2021 година има одредено зголемување на пратките за коресподенција кај давателот на универзалната услуга споредбено со 2020 години кога постоеше монопол за овие услуги. Но овој податок не треба да се земе за апсолутен од причина што и во првото полугодие давателот на универзалната услуга работел во услови на веќе постоечки договори со големите корисници и по веќе дефинирани цени што укажува на фактот дека овие податоци не се засноваат на постоење или не постоење на монопол на пазарот, изјави за МИА Аврамовска Ѓореска. За да можат ефектите од либерализацијата да се анализираат во рамки на сеопфатна и аргументирана експертиза, според неа, потребно е да се анализира и следи пазарот на поштенските услуги во услови на постоење на либерализација подолг временски период. Анализите на АП покажуваат дека давателот на универзалната услуга и во услови на монопол години наназад има опаѓање на пратките за коресподенција заради промена на портфолиото на потребите на корисниците. Опаѓање на обемот на писмата кај давателот на универзалната услуга, укажуваат од АП, не се должи на либерализација на пазарот, туку од повеќе развојни фактори. - Следејќи го развојот на поштенскиот сектор и промените на потребите на корисниците проследени со новите бизнис модели на услуги, дигитализација на поштенскиот пазар и секако влијанието на Ковид пандемијата, и обезбедувањето на пратките за коресподенција мора да се темели на овие промени на пазарот. Доминантен ефект на овие случувања е континуираното и нагло намалување на писмата на пазарот. Ова намалување е во голема мера предизвикано од прогресивната дигитализација во смисла на поефикасна директна комуникација. Дигитализација на општеството дава можност за ефикасна обработка и испорака на поштенските пратки и ја разви појавата и на е-трговијата која резултираше со развој на пакетите. Следствено на оваа услуга почна да опаѓа интересот и потребите на корисниците за писмената комуникација, појаснува Аврамовска Ѓореска. Давателите на слободниот пазар, пак, континуирано имаат зголемување на обемот на поштенските услуги, но нивното работење воглавно е на пазарот на пакетите. - Промените на потребите на корисниците и понуда ја развиваат услугата пакети односно можноста за онлајн нарачки и достава на пратки на домашна адреса. Секако дека во услови на либерализиран пазар ќе има даватели кои ќе работат со пратките за коресподенција и се очекува нивно зголемување и во овој дел, но следејќи ги правните механизми според кои нема континуитет, односно повторно имаше враќање на резервираната услуга за сметка на давателот на универзалната услуга, не дава сигурност кај давателите да инвестираат во овој дел. Секако дека има даватели кои се добро обучени, имаат свои технички и оперативни капацитети и можности да работат во овој сегмент што е за очекување во еден нареден период, велат од Агенцијата за пошти. Оттаму оценуваат дека степенот на технолошки развој кај повеќето даватели на поштенски услуги, вклучително и кај најголемиот АД „Пошта на Северна Македонија“, се уште е во фаза на зародиш. - Како што традиционалните испраќачи на пошта од голем обем, од финансиските, телекомуникациските и комунални услуги, особено поддржани со новите прописи кои беа донесени на почетокот на пандемијата, добија шанса се повеќе да ги користат дигиталните канали за издавање сметки, изводи и фактури, така АД „Пошта на Северна Македонија“ се обидуваше да го амортизира падот преку нови маркетинг стратегии за клиенти и корисници од сите големини. Но и покрај севкупниот пад на обемот на услуги, писмата сè уште претставуваат најголем дел од приходите на давателот на универзалната услуга. Зголемувањето на цените за писма од прва тежинска стапка година, тогаш резервирани услуги, кое Агенцијата го одобри на почетокот на 2020 година, помогна да се стимулира растот во пакети, укажува Аврамовска Ѓореска. Во првото полугодие на 2021 година обемот на услуги за пакети се зголемил во просек вкупно за 23 проценти, од кои што 13 проценти се во домашен сообраќај, споредено со истото полугодие во 2020 година. Подоцна АД „Пошта на Северна Македонија“ започнале со децентрализација на испораката со цел да ги намали трошоците и да ги подобри искуствата на корисниците-примачи. Но, потенцира директорката на АП, за вистинска реформа, од националниот давател се очекуваат поопсежни и организациски и оперативни реформи кои подразбираат рационализација и модернизација на мрежата, вклучително и консолидирање на сите капацитети, оптимизирање на процесите и на распоредот за достава, како и инвестирање во напредно сортирање. Прогнозите за иднината се дека со сигурност се очекува да растат и домашниот и глобалниот прекуграничен пазар за е-трговија, а со тоа и обемот на услуги и за меѓународни пакети. За да се фати чекор со тој тренд, според АП, во „Пошта на Северна Македонија“ треба интензивно да инвестираат во меѓународни хабови, во логистички центри, потоа во подобрување на мрежата од пошта-до-пошта, во регрутирање сопствени специјалисти за е-трговија и во партнерство со реномирани електронските трговци и доверливи брендови. - Само така, со една добра корпоративна стратегија на „Пошта на Северна Македонија“, која ќе ја искористи силната експертиза на новото време и на искуството на националната поштенска мрежа, може да очекуваме да го зголемат својот удел и во домашните и прекуграничните поштенски пазари, а со тоа и одржлива финансиска стабилност, истакнуваат од регулаторното тело. Понудата за корисниците на поштенскиот пазар на услуги, покрај таа на давателот на универзалната услуга на АД „Пошта на Северна Македонија “ во државава ја сочинуваат 42 лиценцирани даватели на поштенски услуги кои поседуваат Општо овластување, издадено од Агенцијата за пошти. Овластувањата се однесуваат за различен вид и опсег на услуги како и географско подрачје на делување на давателите. лв/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан