• сабота, 16 ноември 2024

Во Министерството за здравство потпишани договори за донација на перфузори на четири здравствени установи 

Во Министерството за здравство потпишани договори за донација на перфузори на четири здравствени установи 

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) - Во рамки на меморандумот за соработка со Проект Хоуп (Project HOPE), со поддршка од компанијата Бектон Дикинсон (Becton Dickinson), денеска во Министерството за здравство беа потпишани договори за донација на перфузори, односно шприц пумпи, наменети за Универзитетската клиника за кардиохирургија, Универзитетската клиника за кардиологија, Универзитетската клиника за дигестивна хирургија и Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.

Министерот за здравство Арбен Таравари информираше дека вредноста на оваа донација е околу 70,000 долари, а планирани се и дополнителни потрошни материјали за сите установи. 

- Денешниот настан е во рамки на нашата долгогодишна соработка меѓу Министерството за здравство и Проект Хоуп, што придонесува за унапредување на здравствената заштита во државата, појасни министерот.

Таравари посочи дека употребата на шприц пумпи во болниците е од клучно значење за прецизно и континуирано дозирање лекови кај пациенти со сериозни здравствени состојби.

-Овие уреди обезбедуваат постојана контрола на брзината и волуменот на терапијата, што е особено важно за пациентите на интензивна нега и оние со сложени медицински потреби, додаде министерот.

Прецизното дозирање, нагласи тој, придонесува кон побрзо заздравување и подобри здравствени исходи и овозможува поквалитетна нега за пациентите во критична состојба.

-Упатувам благодарност до Проект Хоуп и компанијата Бектон Дикинсон за континуираната поддршка и досегашната успешна соработка, изјави Таравари.

На прес-конференцијата се обрати и Сорка Тубоф, директор за социјално инвестирање во Бектон Дикинсон. Таа изрази задоволство од настанот, нагласувајќи дека оваа донација е од особено значење за нив. бд/ев/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан