• сабота, 23 ноември 2024

Во Матејче ќе се гради градинка со средства од МТСП

Во Матејче ќе се гради градинка со средства од МТСП
Скопје, 14 април 2021 (МИА) - Во Матејче во општина Липково ќе се гради градинка со капацитет за згрижување 102 деца од нула до шест години. За изградбата и опремувањето на установата Министерството за  труд и социјална политика намени 50 милиони денари. Договорот за грант за доделување на средствата денеска го потпишаа министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска  и градоначалникот на Липково, Еркан Арифи. - Како Министерство, посветено работиме на нашата агенда, која е и дел од владината програма, за изградба на нови и проширување на постоечките капацитети на детски градинки, изјави министерката Шахпаска, додавајќи дека покрај  вложувањето во просторните  капацитети,  МТСП продолжува да инвестира и во унапредување на наставните програми и професионалните компетенции на вработените во градинките. Градоначалникот Еркан Арифи информираше дека на територијата на општина Липково живеат околу 2200 деца на возраст до шест години и дека изградбата на оваа градинка во Матејче е вистински потег за нивно згрижување. Грантот е дел од компонента 2 на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка од Светска банка. Со средствата преку овој Проект досега се реконструирани  градинки во Ресен и Боговиње, а во тек е изградба или реконструкција на уште осум градинки - во Кавадарци, Неготино, Кочани, Струмица, Пробиштип, Крива Паланка и во скопските општини Кисела Вода и Ѓорче Петров, во кои ќе се згрижат уште 1349 деца. Липково е меѓу 17-те општини која аплицирала и ги исполнила условите од првиот јавен повик за доделување грантови за изградба на градинки и центри за ран детски развој. МТСП соопшти дека наскоро ќе биде објавен нов јавен повик за доделување грантови за проширување на постојните и изградба на нови градинки низ земјава. хс/ац/

Остани поврзан