• среда, 25 декември 2024

Во Македонска Каменица одржано првото издание на фестивалот посветен на првиот македонски печатар, „Јаков“ од Камена Река

Во Македонска Каменица одржано првото издание на фестивалот посветен на првиот македонски печатар, „Јаков“ од Камена Река

Македонска Каменица, 15 декември 2023 (МИА) - Во Македонска Каменица синоќа заврши првото издание на фестивалот посветен на првиот македонски печеатар „Јаков од Камена Река“. Во рамки на фестивалот, чиј организатор е здружението „Надеж - Норе“ од Македонска Каменица, се одржа натпревар во краснопис наменет за ученици од основните училишта, а беше организирана и изложба на познатиот македонски карикатурист Јордан Ѓорчев, како и изложба на „Часосоловот“ на Јаков од Камена Река.

Претседателот на здружението „Надеж - Норе“, Влатко Ситновски истакна дека Јаков од Камена Река е величина сама за себе, како прв печатар на кирилица во светски рамки, кој е дел од нашата култура и дел од нашиот идентитет, заради што, како што рече, Македонска Каменица треба да се гордее.

-Затоа ние неколку културни ентузијасти од Македонска Каменица од здружението „Надеж Норе“ и од регионот го создаде овој проект, за да се оддаде почит на овој македонски великан на македонската и светската култура и неговото име да го шириме и празнуваме меѓу младата популација која треба да се запознае со него и во иднина да го слави, рече Ситновски.

За директорот на фестивалот Миле Ѓорѓијоски, радува фактот што по 500 години од излегувањето на Часословот во 1566 година, се прави фестивал прв фестивал на Балканот посветен на кириличното писмо.

-Јас се надевам ако веќе чекавме пет века се надевам дека ќе трае уште пет века, затоа што нам Македонците тешки ни се првите пет века и се надевам ќе продолжиме и натаму. Во рамки на фестивалот успешно ги заршивме натпреварите по краснопис и литературниот и ликовниот конкурс и задоволни сме од одзивот на учениците, рече Ѓорѓијоски.

Првите впечатоци на Ласко Џуровски, графички дизајнер и типолог кој го изработи логото на фестивалот и е еден од наградените се позитивни особено од пристапот за фестивалот, кој како што рече преку еден специфичен конкурс за краснопис, што досега не е видено во нашата република, се надоврзува на работата на нашиот прв печатар.

-Она што тој го направил на некој начин сега доаѓа до израз. Неговите работи што ги оставил, особено покрај сите објавени во Часословот која е една од најстарите книги напишани на старомакедонски, словенски јазик меѓу кои препознаваме графички решенија на букви кои и сега во моментот се среќаваат во нашата кирилица. Значи сме имале богатство, национално богатство можам да речам, кое треба да го негуваме, да го развиваме, да ги запознаеме луѓето, дека такво нешто постоело. Тоа нешто треба да го пренесеме на нашите идни генерации, како наследство кое ќе значи стимул за понатамошно развивање на македонската кирилица и нејзиното вклучување во сите сфери на културата и медиумите како класични така и дигитални медиуми кои сега владеат во светот, рече Џуровски.

Пред љубителите на уметноста од Македонска Каменица, а како дел од фестивалот во наредните неколку дена ќе бидат изложени делата на карикатуристот Јордан Ѓорчев 

-За прв пат сум во Македонска Каменица како автор и за прв пат се изложени овде. Карикатурата како што знаете е дневно актуелна тема, зиложба на карикатури се прават на некои малку потрајни теми вредности кои ее потрајни. Овде се избрани такви карикатури кои можам да бидат во принцип интетесни и во други култури со друг смисол за хумор, избрани се постоечки теми. Овие се отприлика пред една година и ги објавувам секој ден на мојата фан страна, рече Ѓорчев.

За деканот на Славјанскиот универзитет Орце Симов кој е еден од наградените на фествалот, ова е една од неговите највредни награди.

-Прекрасно е чувството да се добие ваква награда особено од местото каде потекнуваш и таа награда е една од највреднигте награди и ми претставува посебен мотив и понатаму да продолжам да работам но не за мене и мој личен развој туку за општеството и заедницата од која потекнуваме, рече Симов.

Епископот Делчевско-каменички г. Марко кој ја отвори изложбата на „Часословот“ од Јаков од Камена Река изрази надеж дека фестивалот ќе прерасне во еден традиционален фестивал за промоција на македонската култура, особено на стари книги кои ќе го наоѓаат светлото на денот на овој фестивал, додека градоначалникот на Македонска Каменица најави понатамошна поддршка за сите фестивалски активности од страна на Општината.

Во рамки на првото издание на фестивалот награди добија луѓе кои во минатото дале особен допринос во развојот на М.Каменица како и истакнати културни работници и просветни работници од Македонска Каменица. Главен покровител на фестивалот е Општина Македонска Каменица и Рудник Саса. вс/сст/


Фото: МИА

Остани поврзан