• четврток, 26 декември 2024

Во Лондон денеска крунисувањето на британскиот крал Чарлс Трети

Во Лондон денеска крунисувањето на британскиот крал Чарлс Трети

Лондон, 6 мај 2023 (МИА) - Велика Британија викендов слави историски настан, крунисувањето на кралот Чарлс Трети со верска церемонија стара 1.000 години и дводневна прослава во земјата со концерт во замокот Виндзор.

Церемонијата на крунисувањето денеска започнува во 11 часот по лондонско време и ќе трае околу два часа под раководство на духовниот водач на Англиканската црква, надбискупот Џастин Велби.

Пред заминувањето на кралската двојка со кочија во Вестминстерската опатија, предвидено е пристигнувањето на официјалните лица.

Верската церемонија ќе биде одбележана со музички делови од класичниот репертоар, како и нови композиции, со цел да се прикаже денешната улога на монахот кој гледа кон иднината, а сè уште е вкоренет во историската традиција и раскош.

Иако Чарлс Трети (74) сакаше поскромна церемонија со околу 2.300 гости, вклучувајќи странски државници, членови на други монархии и претставници на граѓанското општество, одредени фази од церемонијата на крунисувањето не можат да се заобиколат.

Чарлс ќе положи заклетва и ќе биде благословен од надбискупот од Кентербери, а потоа на неговата глава ќе биде поставена круната на Свети Едвард. Тој ќе добие кралска облека, топче (златен глобус со крст) и кралски жезол.

Кралицата Камила, втората сопруга на Чарлс по неговиот развод со принцезата Дијана, исто така ќе биде крунисана.

Кралската двојка, придружувана од речиси 4.000 војници, со кочија ќе тргне кон Бакингемската палата. Кралското семејство потоа ќе се појави на балконот на палатата за да им мавне на толпата.

Прославата во Велика Британија по повод крунисувањето на кралот ќе трае два дена. Утре во Бакингемската палата на отворено ќе биде организиран таканаречен „голем ручек“, каде ќе се дели јадењето „кралски киш“, специјално дизајнирано за церемонијата.

Утре вечер ќе има концерт во замокот Виндзор пред околу 20.000 луѓе. На концертот ќе настапат многу уметници како светски познатата пејачка Кети Пери, Лајонел Ричи и Андреа Бочели.

Понеделник ќе биде неработен ден. Кралското семејство претходно ги повика Британците на тој ден да прават волонтерски активности. паг/

Фото: ЕПА



Остани поврзан