• четврток, 26 декември 2024

Во Ловеч изложба „Слобода?!“ на македонски и бугарски ликовни уметници

Во Ловеч изложба „Слобода?!“ на македонски и бугарски ликовни уметници
Скопје, 30 јуни 2022 (МИА) - Проектот „Поврзување“ и изложбата „Слобода?!“ во негови рамки вечер ќе бидат претставени првпат во бугарскиот град Ловеч во организација на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија и Уметничката галерија „Проф. Теофан Сокеров“. Оваа групна изложба на 15 современи македонски и бугарски ликовни уметници претходно премиерно беше претставена во Созопол. Со ова гостување се продолжува реализирањето на целта на проектот, поддржан од Министерството за култура, да бидат претставени новосоздадени ликовни дела на современите уметници, како и да се поврзат ликовните сцени од двете земји, информираат од КИЦ на Република Северна Македонија во Софија. Во составот на изложбата се делата на уметниците од неформалната група Конекција, кои се од Северна Македонија, но живеат и работат во Софија, Бугарија: Перица Георгиев – Пепси (Скопје), Марјана Иванова (Виница), Зоран Мише (Охрид), Иво Пецов (Виница), Павел Целкоски (Охрид) и Марјан Ѕингаров (Струмица). Опфатени се и делата и на ликовните уметници и професори од факултетите за ликовна уметност во Северна Македонија: Беди Ибрахим (Скопје, ФЛУ), Јован Шумковски (Скопје, ФЛУ), Катерина Деспот (Штип, УГД) и Срѓан Микиќ (Скопје, IBU). Со своите македонски колеги изложуваат и бугарските ликовни уметници и професори од Националната ликовна академија во Софија: Георги Јанков, Нина Русева, Свилен Стефанов и Васил Колев. Свое учество има и уметницата Марија Алексиева од Бургас, посочуваат од КИЦ на Република Северна Македонија во Софија. рп/са/  

Остани поврзан