• четврток, 26 декември 2024

Во кумановската касарна „Боро Менков“ одбележан Денот на Командата за операции

Во кумановската касарна „Боро Менков“ одбележан Денот на Командата за операции
Куманово, 17 октомври 2022 (МИА) - Припадниците на Командата за операции (КО) денеска во кумановската касарна „Боро Менков“ со воена свеченост го одбележаа Денот на единицата. На свеченоста началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски го честиташе денот на командата, укажувајќи дека очекуваат да продолжат како и досега професионално да ги извршуваат секојдневните задачи.   - Во името на сите гости и во свое лично име, Ви го честитам денот на командата за операции. Со очекување и надеж дека ќе продолжите и во периодот што претстои, исто како и досега да ги извршувате максимално професионално и квалитетно вашите секојдневни задачи. Не се сомневаме, веруваме во вас и очекуваме сите цели да бидат исполнети во периодот што следи, рече началникот на Генералштабот. Командантот на КО, бригаден генерал, Бесник Емини, истакна дека денешната свеченоста на главниот столб на армијата се случува во период кога армијата одбележува 30 години од формирањето, јубилеј на подем и раст. Говорејќи за континуираното подобрување на оперативноста, развојот на армијата, Емини посочи дека постојано се вложува во модернизација на армијата. - Нашата амбиција е да евалуираме и да се приспособуваме, со цел успешно пресретнување на новите предизвици и закани. Нашите структури, нашиот концепт, нашата доктрина на војување и нашите внатрешни процеси во армијата се оптимизираат, со цел да се постигне максимална ефикасност во процесот на трансформација и интегрирање на силите во структурните и оперативните планови на НАТО. На национален план продолжуваме со вложување напори за стекнување кохезија меѓу единиците и командите и понатамошно интегрирање со националните и регионалните институции, со цел поефикасно пресретнување и справување со национални ризици и закани од невоен карактер, потенцира Емини. Тој потсети дека припадниците на Командата учествувале во бројни меѓународни вежби, мисии. - Денес се сочуваме со суштинско одржување на глобална безбедност како сенка на континуираната миграциска криза и враќање на сцена на конвенционалните закани и специјалното хибридно војување. Но, не можеме, а да не ја забележиме и игнорираме растечката агресивност на некои големи влијателни сили и истото јавно го осудуваме. Во овие бурни и предизвикувачи времиња, единството и солидарноста се клучни. Затоа, нашиот клучен приоритет мора да ни биде одржувањето на борбената готовност и како дел од најголемиот и најдолгиот сојуз во светот, НАТО алијансата, да се подготвуваме и со предвидлив, конзистентен начин да придонесеме за мирот и безбедноста во светот, рече Емини. Тој оцени дека припадниците се обучени за извршување на суштинските задачи, што било потврдено со проверката на борбената готовност. На свеченоста присуствуваа и заменик на министерот за одбрана Башким Хасани, претставници од Генералштабот, од кабинетот на претседателот на државата, генерали во Армијата, поранешни команданти, претставници на СИБРИГ, претставници од МО и од Генералштабот, како и претставници од локалната самоуправа и институции со кои соработува командата. За Ден на командата за операции е определен 17. октомври, како еден од значајните историски настани врз кои се темелат традициите во Армијата, кога во 1887 година во селото Кресна е формиран штабот на македонско-кресненското востание. ам/цр

Остани поврзан