• сабота, 23 ноември 2024

Во Куманово почнаа саемите за органска храна и за земјоделство, технологии и храна

Во Куманово почнаа саемите за органска храна и за земјоделство, технологии и храна

Куманово, 27 септември 2024 (МИА) - Во Куманово почна седмиот меѓународен саем „Органска трпеза“ за органски и традиционални производи и третиот меѓународен саем за земјоделство, технологии, храна и преработка „АгроМак“.

Производителите од државата и регионот бараат максимална поддршка од надлежните за развој на органското производство. Бројни излагачи ги презентираа производите на отворено пред комплексот базени во Куманово, најмногу производители на мед, чаеви, јаткасти производи, домашна традиционална храна, разни видови семиња. Производителите велат дека овие производи се квалитетни и се влог за здрав живот.

-Особена одговорност е да се организира ваков саем кој на еден начин е платформа за поврзување на сите инволвирани страни и е можност за промоција на органското земјоделство, одржливиот развој и зачувување на традиција. Целта е заеднички да се постигнат резултати за да го поттикнеме и развојот на локалната економија, да ги унапредиме нашите производи на мапата на глобалниот пазар, рече претседателката на здружението „Живот“, Благица Цветковиќ.

Производителите се надеваат дека манифестацијата ќе придонесе да се зголеми интересот кај граѓаните за користење органски производи, но и дека претставува убава можност на која се запознаваат меѓу себе, разменуваат искуства и идеи за понатамошно ширење на производството.

- Меѓународен настан седма година можеби годинава поскромно, но факт е дека се трансформираше во традиција на органско производство и храна. Следната година очекувам преку тимска работа поголемо присуство, поголеми резултати. Ве охрабрувам и поддржувам да продолжиме заедно, рече на отварањето градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски. 

Органското производство е иднина, но потребно е да се поврзат. Претседателот на комората на органски производители, Драган Цветковиќ, очекува повеќе посетители излагачи во текот на утрешниот ден.

- На претходно одржаниот состанок со претставниците од науката пристигна иницијатива од штипскиот Факултет за земјоделство да се одржи научна бизнис конференција. Бирократијата насекаде и не само во земјодлеството умее да биде предизвик, она на што работиме е да го промовираме. Како и да е, нема ништо поскапо од здравјето, рече Цветковиќ.

Саемот е предвидено да трае наредните дваа ден од викендот. ам/хс/


Фото: МИА

Остани поврзан