• четврток, 26 декември 2024

Во Куманово отворен конзулат на Република Србија

Во Куманово отворен конзулат на Република Србија

Куманово, 24 октомври 2024 (МИА) - Во Куманово денеска свечено беше отворен Конзулатот на Република Србија. Конзулатот ќе работи на унапредување на односите помеѓу двете земји и граѓаните во области на култура, образование, економската соработка, туризам. Почесен конзул е Владимир Стајиќ.

На отворањето присуствуваа претставници од владите на двете земји, вицепремиерот и министер за односи со заедниците Иван Стоиљковиќ, министрот за култура и туризам Зоран Љутков, министерот за спорт Борко Ристовски, министерот за труд, вработување и социјални прашања, Немања Старовиќ, амбасадорката на Србија, Невена Јовановиќ градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и заменикот градоначалник на Старо Нагоричане Бобан Цветановски, како и претставници од дипломатскиот кор.

Министерот за труд, вработување и социјални прашања на Србија, Немања Старовиќ во обраќањето пред присутните кажа дека конзулатот дополнително ќе ги зацврсти добрите односи меѓу двете земји во различни области.

- Посебно ни е драго што токму во Куманово се отвора овој конзулат. Бројната српска заедница од градот и од Северна Македонија ќе има многу корист од овој конузлат. Вечно нека живее братството и пријателството помеѓу двата народа, рече Старовиќ.

Вицепремиерот и министер за односи помеѓу заедниците Стоиљковиќ во обраќањето истакна дека отварањето на конзулатот е потврда за добрите односи меѓу двете земји, што го потврдува и присуството на министрите од двете земји.

- Ова само покажува дека сме на добар пат, односите помеѓу Србија и Македонија да достигнат што е можно повисоко ниво, бидејќи граѓаните од двете земји имаат желба за тоа. Наша работа како политичари е желбите на граѓаните согласно објективните околности, можности да го сработиме што подобро, што поуспешно, да отвориме пошироки врати за соработка. Македонската Влада во наредниот период има намера односите да ги развива на поквалитетно и повисоко ниво. Почесните конзулати се дел од големата приказна на можностите кои се нудат од соработката која е во интерес на доброто на граѓаните од двете страни на границите и не би требало да има пречка, доколку има ќе се обидеме да ги совладаме во поддршка на граѓаните од едната и другата страна, рече Стоиљковиќ.

Во однос на српската заедница во државата, тој истакна дека послободно и посуштествено ја негуваат својата положба и ги унапредуваат своите права.

Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски го поздрави отворањето на конзулатот.

- Куманово е мултиетничко, различен по многу нешта, но сплотен во многу нешта сака просперитет, подобар живот за своите граѓани, пријатели. Во Куманово сите се добредојдени, рече Димитриевски, посочувајќи ги силните роднински врски помеѓу кумановци и жителите на различни градови од Србија.

Почесниот конзул се заблагодари на владите на Србија и Северна Македонија за дадената доверба за негување посилни релации меѓу двете земји кои и претходно споделуваа заедничка историја, култура и семејни односи, испреплетени со заедничка традиција.

Контактите помеѓу претставниците на државите, рече тој само ја потврдуваат соработката за време на глобалните предзвици како што беа здравствената, енергетската криза. Неговиот фокус ќе биде јакнење на врските и поддршка на Србите кои живеат во земјава.

- Верувам дека моите деловни врски во Северна Македонија ќе ја олеснат соработката помеѓу нашите земји заедно да ги подобриме трговските инвестиции, културните иницијативи од кои корист ќе имаат сите граѓани. Мојата работна позиција ќе ја користам да им помогнам на невладините организации, културните уметнички друштва кои ја негуваат српската култура на Србите кои живеат во Северна Македонија, рече Стајиќ. ам/дма/


Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан