• четврток, 19 декември 2024

Во Куманово одбележан светскиот ден на волонтерството

Во Куманово одбележан светскиот ден на волонтерството

Куманово, 6 декември 2023 (МИА) - Волонтерите од кумановскиот Црвен крст се клучна алка за спроведување на бројни активности, оценија денеска надлежните од општината организација. Речиси и да не постои активност во градот каде тие не се вклучени. Дел од нив, денеска добија благодарници за нивната ангажираност, по повод одбележувањето на 5-ти Декември, светскиот ден на волонтерството.

- Вкупно имаме 121 волонтер и не само млади средношколци, студенти, имаме и повозрасни. Волонтерството е начин на живот. Волонтирањето силно влијае врз развојот на младата личност која се гради во добар граѓани, емпатичен човек на кого може да смета заедницата. Ги покануваме сите да се вклучат. Зо западноевропските земји, многу е ценето волонтерството, изјави Ива Младеновска, секретар на Црвен крст.

Таа ги покани младите да се приклучат во црвениот крст, да стекнат одредено волонтерско искуство, да запознаат нови луѓе и да научат одредени вештини.

- Волонтерите од Куманово несебично се вложуваат во собирање на донации, организирање хуманитарни активности, изработка на мини проекти од кои бенефит имаат училиштата, градот, целата заедница, додава Младеновска.

Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на волонтерството, кумановскиот Црвен крст во нивните простории организираше средба со волонтерите на кои им изрази почит и благодарност на волонтерите кои во изминатата година несебично го посветија своето време изразувајќи хуманост и помагајќи на социјално загрозените семејства, како и организирајќи најразлични активности. ам/цр

Фото: МИА и Црвен крст

Остани поврзан