• петок, 27 декември 2024

Во кривопаланечката библиотека одбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

Во кривопаланечката библиотека одбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

Крива Паланка, 21 февруари 2024 (МИА) - Со читање лични творби и рецитирање на одбрани стихови ученици од Крива Паланка денеска го одбележаа 21 февруари - Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, настан што го организираше библиотеката „Кочо Рацин" при НУ Центар за култура Крива Паланка.

- Во рамки на програмските активности поддржани од Министерството за култура, денес во соработка со ООУ „Св. Јоаким Крчовски", организиравме пригодно одбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Под менторство на професорката по македонски јазик, Габриела Стојановска, учениците презентираа акростих за македонскиот јазик, читаа лични творби и рецитираа песни од Кочо Рацин и Блаже Конески. Одбележувањето заврши со потсетување на големите мисли и пораки на Крсте Петков Мисирков за значењето на македонскиот јазик, информира директорот на НУ Центар за култура, Антони Стојановски.

Професорката по македонски јазик, Габриела Стојановска одржа пригодно едукативно предавање за значењето, чувањето и негувањето на мајчиниот, македонски јазик.

Ова е трет книжевен настан во организација на библиотеката месецов, кој започна со кампањата „Читаме гласно, говориме јасно", а се надоврза со четвртата по ред манифестација „Вино преточено во љубов", што се реализираше на 14 февруари, на која активностите ги реализираа членовите на литературниот клуб „Калин" што работи во рамки на библиотеката. ид/цр


Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан