• сабота, 23 ноември 2024

Во Кривичен продолжи судењето за „Беса Транс“

Во Кривичен продолжи судењето за „Беса Транс“

Скопје, 15 ноември 2023 (МИА) – Со испитување на сведок на предлог на одбраната, во Основниот кривичен суд – Скопје, денеска продолжи судењето за „Беса Транс“, компанијата во чиј автобус во 2021 година во несреќа загинаа 45 македонски државјани. 

На денешната расправа беше испрашуван поранешен возач од компанијата.

Во случајот се обвинети едно физичко и едно правно лице за продолжено кривично дело „фалсификување исправа“. 

Според обвинението, обвинетиот 41-годишник, како управител на правното лице од Рашче, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, преку возачите кои управувале автобус во сопственост на фирмата, извршил повеќе временски поврзани дејствија и употребувал како вистинска лажна јавна исправа Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај. Ваквата лиценца за наведениот автобус воопшто не била издадена од Министерството за транспорт и врски, а управителот изготвената лажна јавна исправа им ја давал на возачите кои го управувале автобусот и со неа тие ја преминувале државната граница. 

Во обвинителниот предлог се наведува и дека во текот на постапката, надлежниот јавен обвинител обезбеди докази дека во периодот од 10.01.2021 до 21.11.2021 година автобусот на тој начин 20 пати ја преминал државната граница на различни гранични премини.

Процесот го води судијата Ивица Стефановски, застапник на обвинението е јавниот обвинител Владимир Милошевски. ар/бак/

Фото:МИА

Остани поврзан