• вторник, 24 декември 2024

Во Крива Паланка се одржа јавна дебата за важноста на комуникацијата за подобро ментално здравје

Во Крива Паланка се одржа јавна дебата за важноста на комуникацијата за подобро ментално здравје

Крива Паланка, 21 ноември 2024 (МИА) - Во организација на регионалниот центар за соработка „Спектар" во Крива Паланка попладнево во Европската куќа се одржа јавна дебата на тема „Моќта на комуникацијата за подобро ментално здравје“. 

 -На дебатата беа презентирани клучните наоди од анализата подготвена врз база на спроведената анкетата во која беа вклучени дваесетина родители и ист толкав број млади, момци и девојки од Крива Паланка. Учесниците  дискутираа за предизвиците со кои се соочува заедницата кога станува збор за менталното здравје на младите, со заклучок дека е неопходна проактивна меѓусекторска соработка за подобри резултати. Исто така, беше подвлечено дека посебно внимание треба да се посвети на младите со посебни потреби и нивните ментални потреби, како и на посебниот пристап кон момчињата и девојчињата, информира Жаклина Цветковска од РЦС „Спектар".

Авторот на анализата, Надица Скепаровска Петковска, магистар по клиничка психологија и сертифициран психотерапевт од Европската асоцијација за трансакциска анализа, истакна дека менталното здравје е во сѐ поголем ризик.

- Клучно е да се разговара за начините на кои комуникацијата може да помогне во подобрување на менталното здравје кај младите, а за правилен и здрав ментален развој на младите најважно е тие да имаат отворена и искрена комуникација со своите родители и наставници, рече Скепаровска-Петковска.

Јавната дебата „Моќта на комуникацијата за подобро ментално здравје“ се реализираше во рамки на проектот „Здружени за активно граѓанство“, што го спроведува НВО Инфоцентар од Скопје со финансиска поддршка на Европската Унија. иб/цр

Фото : РЦС Спектар 

Остани поврзан