• среда, 18 декември 2024

Во Крива Паланка се одржа „Предновогодишен џез концерт"

Во Крива Паланка се одржа „Предновогодишен џез концерт

 Крива Паланка, 17 декември 2024 (МИА) - Во Националната установа Центар за култура Крива Паланка синоќа се одржа предновогодишен џез концерт, бесплатен за граѓаните, во изведба на Врачанскиот симфониски оркестар од Враца, Република Бугарија.

Кривопаланечката публика уживаше во концертната коледарско - божиќна програма од шеснаесет светски познати композиции под диригентската палка на Христо Павлов, во интерпретација на солистот Васил Петров, Зорница Иларионова виолина и Тања Лазарова, сопран.

Васил Петров е еден од најистакнатите машки пејачи од Бугарија, со прецизна вокална техника и уметничко присуство.

- Имате извонредна публика со истенчен вкус за музика и публика со одличен сензибилитет која расположено ги пееше заедно со нас рефрените. Тоа за мене и моите колеги е најголемиот подарок и повратен ефект што нѐ мотивира да работиме. Овој репертоар, наменет за празничните денови, без оглед на тоа што ние ги славиме Коледе и Божиќ во декември,а вие во јануари, наиде на прекрасен прием и овде, кадешто за првпат соработуваме со културна установа од Северна Македонија, а исто така, наидува на добар прием кај публиката кадешто сме настапувале во изминатите години, во Србија, низ Балканот, сѐ до Германија, рече Петров.

Посочи дека покрај овој празничен репертоар, годишно одржуваат бројни настапи низ Бугарија и регионот и со летната програма, како и со разни други проекти кои ги реализира со различни институции.

Тања Радева -Лазарова е една од водечките бугарски камерни пејачки, доктор по музика , повеќекратна добитничка на награди од настапи на меѓународната сцена.
Зорница Иларионова е виолинистка од класата на светски познатите професори Захар Брон од Шпанија, Марио Хосен од Бугарија и проф.Павел Верников од Италија.

Брачниот симфониски оркестар ги развива достигнувањата и културните знаменитости започнати од бројни талентирани музичари од Бугарија.
Концертот е реализиран со поддршка од Министерството за култура на Република Бугарија. ид/мч/

Фото: МИА 

Остани поврзан