• сабота, 23 ноември 2024

Во Крива Паланка се одржа Меѓународниот фестивал „Вечер на осоговски песни“

Во Крива Паланка се одржа Меѓународниот фестивал „Вечер на осоговски песни“

Крива Паланка, 5 јули 2023 (МИА) - На сцената на центарот за култура Крива Паланка вечерва одекнаа звуците на тамбури, мандолини и староградски мелос од државата и соседството на Меѓународниот фестивал „Вечер на Осоговски песни“ во организација на Национална установа Центар за култура Крива Паланка.

Фестивалот е дел од годинашното „Кривопаланечко културно лето“ во организација на Општина Крива Паланка,со поддршка од Министерството за култура, а настапија: пејачка група „8 Октомври“, „Табиет“, Свети Николе, „Ѓурѓа“, Делчево, „Распеани Паланчани“, Крива Паланка, „Распеани Гевгеличани“, Гевгелија и вокално- инструментален состав „Елеганс“, Ќустендил, Бугарија.

Граѓаните имаа можност да се потсетат на старата калдрма, на звуците на веселите народни пејачи под чардаците, звуците на  мелосот и традицијата на градовите и староградските приказни раскажани преку песни и звуци од пејачките групи и вокални состави од градот, државата и соседството.

Староградска музика за сите љубители на традиционалната музика од чаршијата и утре вечер е на програмата на „Кривопаланечко културно лето“, на „Осоговска староградска вечер 2023“ во организација на Културно-уметничко здружение „Распеани паланчани“, на која покрај домаќинот -организатор, ќе настапат и староградски друштва од Штип и град Шумен Бугарија.

Вечерва поради лоши временски услови настанот се одржа во Центарот за култура, додека утре вечер е планирано публиката да ужива во музика на отворено на летната сцена во градскиот парк. ид/нд/

 

Фото МИА 

Остани поврзан