• сабота, 23 ноември 2024

Во Крива Паланка се одржа манифестацијата „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон"

Во Крива Паланка се одржа манифестацијата „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон
Крива Паланка, 8 март 2020 (МИА) – Во дворот на црквата Св.Теодор Тирон во село Конопница, Кривопаланечко, денеска се одржа 11. издание на културната манифестација „Поклонение на Св.Теодор Тирон”.
Вкупно осум невести кои се венчале помеѓу две Тодорови саботи, заедно со своите свекрви облечени во народни носии денеска се поклонија пред светецот, во име на возобновената традиција на поклонение пред светецот со молитва за здравје, род и пород во семејството.
- Многу сум горд што успеавме да ја отвориме втората деценија од одржување на вековната традиција што беше возобновена по 33 години пауза. Манифестацијата и годинава се реализира во духот на христијанските обичаи и традиции, а осумте невести ја искажаа посветеноста кон зачувување и почит кон традицијата. Секако, целата манифестација се спроведе согласно препораките на Владата и Министерството за здравство, без масовни собири и делење храна во затворени простории, но сепак, верниците и мештаните во голем број беа присутни во дворот на црквата и ја проследија традиционалната процесија на поклонение, изјави координаторот на манифестацијата, Стојанче Величковски од здружението „Патник”.
Свештенослужителите од Кумановско-Осоговската епархија, Кривопаланечко архиерејско намесништво, на учесниците на манифестацијата им прочитаа молитва за зацврстување на семејните врски.
Манифестацијата се организира под покровителство на Општина Крива Паланка, во организација на РЗР ПАТНИК, со поддршка од месната заедница на село Конопница, Центарот за култура и Градскиот музеј Крива Паланка.
Како придружен настан на „Невестинско поклонение" од областа на културата, во петок во НУЦК , Крива Паланка, беше отворена изложбата „100 најдобри дела“ од Меѓународниот конкурс за карикатура  „Невестинско Поклонение 2019".ид/лв/

Остани поврзан