• недела, 22 декември 2024

Во Крива Паланка се одржа комеморативна седница за поранешниот градоначалник Борјанчо Мицевски

Во Крива Паланка се одржа комеморативна седница за поранешниот градоначалник Борјанчо Мицевски

Крива Паланка, 29 ноември 2024 (МИА) - На денешната комеморативна седница што се одржа во салата на Националната установа Центар за култура Крива Паланка, му беше оддадена почит на поранешниот градоначалник на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски кој ненадејно почина во неделата, на 53 - годишна возраст.

Седницата ја водеше претседателката на Советот на Општина Крива Паланка, Изабела Павловска, а покрај неа, се обратија и неговите најблиски соработници: актуелниот градоначалник на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, Валентина Тасева и Елена Димовска од едукативниот центар "СЕМОС Едукација" кадешто Мицевски работеше во изминатите три години по завршувањето на неговиот мандат како градоначалник на Крива Паланка ( 2017-2021).

Во обраќањата беше истакнато дека засекогаш ќе останат запаметени неговата скромност, љубезност и ненаметлива човечка природа, како и неговата професионалност и енергичност во работата и заложбите Крива Паланка да ја направи европски град, достоинствено место за живеење за сите граѓани.

-Животот го научи да се бори, но и да сочувствува со заедницата, да ги сврти и срцето и погледот кон сите граѓани. Живееше и дишеше за неговата Крива Паланка, срцето му беше исполнето со љубов за градот, високите стандарди во работењето и професионалноста, тешко е да се достигнат и надминат, а она што како аманет го остави и сите ќе се трудат да го следат е неговата посветеност на општината - "со срце за Крива Паланка". Не се бореше за слава и признанија како градоначалник, успех и слава му беа неговите успешни проекти. А јас, денес говорам и од име на негов внук. Тој беше мојот вујко со кој делевме ист дом и ми беше пример за цел живот. Тргнав по неговите стапки и во животот и во идеологијата, заедно се боревме и заедно победивме, а кога стана градоначалник јас бев шеф на неговиот изборен штаб. Немаше посреќен човек од мене во тој момент, а кога ми го предаде клучот на градот, ветив дека никогаш нема да го изневерам. Беше човек пред времето, а допрва, времето и твоите дела ќе говорат за тебе, вујче, рече во емотивното обраќање градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, порачувајќи дека е горд што учел од него и за работата и за посветеноста на семејството.

Во излагањето на претседателката на Советот, Изабела Павловска, беше посочено дека неговата скромност како човек, а величина од доблести, како и мотивацијата што ја влевал кај сите со сигурност ќе останат трајно врежани во меморијата на сите што имале привилегија, како што рече, да бидат негови соработници, во општината, во партијата, но и воопшто, што го познавале.

-Тој беше и ќе остане инспирација за сите со неговото мото "Животот е голема борба", рече Павловска.

Мицевски завршил основно и средно образование во родната Крива Паланка, а дипломирал на хемија, на Природно - математичкиот факултет во Скопје.

Долги години работел како координатор на невладината организација, Регионален центар за соработка, Кратово. Во СДСМ бил претседател на општинската организација, кандидат за пратеник, по што во 2017 стапува на функцијата градоначалник на Крива Паланка сѐ до 2021, по што се вработил во образовниот центар од ИТ секторот, "Семос едукација".

За неговата успешна кариера во компанијата како менаџер за развој на Адриатик регионот, говореше извршната директорка Валентина Тасева.

-Во изминатите 30 години постоење на "Семос едукација" не постои човек што оставил таков, траен белег. Прекрасен човек, пријател, другар, иноватор. Го запознав пред четири години и работевме со Фондацијата "Со срце за Крива Паланка" која беше негова идеја и иницијатива за да сработиме сѐ што можеме за нашата "Паланчица". Ќе го паметиме како срдечен, човечен, упорен, смирен човек, вреден и посветен колега што во 2022 ја доби наградата за иновативност во компанијата, оствари соработка низ Балканот, до Холандија, Данска, Англија. Формираше проектен сектор и денес имаме потпишани десетина договори за проекти со: УСАИД, Европската банка за обнова и развој, ГИЗ, УНДП, Еразмус програмата на Европската унија. Неговата канцеларија секогаш беше преполна, а празнината никогаш нема да биде потполнета, рече Тасева, потенцирајќи дека честа да го имаат за колега и соработник Мицевски била нивна.

Елена Димовска од Семос едукација рече дека Борјанчо ќе го паметат како човек - човечиште.

Мицевски е роден 1971 година, во Крива Паланка. Почина ненадејно во неделата, 24 ноември 2024, оставајќи го зад себе ожалостеното семејство, сопругата Слаѓана, ќерката Горјана и синот Матеј.

На комеморативната седница присуствуваа неколку стотици граѓани, негови соработници, пријатели, колеги, сограѓани, кои се потпишуваа и во книгата на жалост отворена во понеделникот, 25 ноември. иб/вг/


Фото: Општина Крива Паланка 

Остани поврзан