• сабота, 22 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во Крива Паланка свечена академија - 80 години Црвен Крст на Република Северна Македонија

Во Крива Паланка свечена академија - 80 години Црвен Крст на Република Северна Македонија

Крива Паланка, 23 февруари 2025 (МИА) - Со свечена академија под покровителство на градоначалникот на Општина Крива Паланка, синоќа во Националната установа Центар за култура беше одбележан јубилејот 80 години македонски Црвен крст.

Со свеченостите под мотото „80 години гледаме луѓе" Црвениот крст на Република Северна Македонија периодов одбележува осум децении хумана мисија во државата, со посебен акцент на соработката со локалните самоуправи.

- Благодарност до сите претходни генерации што се вградија во оваа организација за да денес биде толку убава и успешна. Црвениот крст е сведок на создавањето на државата, но она што е значајно е што неговиот развој е прилагоден исклучиво за развој на општеството. Тоа е резултат на сите 80 години во кои ги слушаме луѓето, ги гледаме луѓето и заедно со нив промовираме хуманост и солидарност. Овие нови генерации се подготвени да продолжат да ги гледаат, уважуваат и вреднуваат луѓето и во наредните 80 години и заедно со нив да изградиме една организација на иднината, рече генералниот секретар на ЦК РСМ, Саит Саити.

Саити им врачи признанија за соработка на градоначалниците на двете локални самоуправи, Крива Паланка и Ранковце, Сашко Митовски и Борче Спасовски, во име на партнерството и соработката низ децениите во реализацијата на сите хумани активности што градат хумана заедница со подадена рака на сите на кои тоа им е потребно.

-Општината е сигурен партнер на Црвен крст, а круна на тоа партнерство градено со децении, се развиените социјални услуги во Крива Паланка што пружаат - грижа за ранливи категории. Признанието им припаѓа на сите оние кои се и биле дел од општината и на сите што со својата добрина и посветеност подале рака и љубов во грижата за граѓаните, за заедницата. Благодарност до сите сегашни и претходни раководни структури низ сите изминати години и децении, за сите кои се вградиле засекогаш во она што денес го претставува ОО Црвен Крст Крива Паланка, до сите волонтери, до негувателите, дарителите и вработените за се што прават и ја одржуваат вербата во човекот и човечноста, изјави градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Градоначалникот на Ранковце, Борче Спасовски, порача дека Ранковце секогаш стои цврсто на линијата на хуманоста и со заедничко дејствување и во наредниот период ќе работи на подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани.

Претседателот на ОО Црвен Крст Крива Паланка, Иле Коцевски, рече дека овој јубилеј е симбол на 80 години пожртвуваност, посветеност и предаденост на идејата да се изгради силна заедница. ид/дма/

 

Фото: Општина Крива Паланка 

Остани поврзан