• недела, 24 ноември 2024

Во Крива Паланка промовирани проектите за волонтерство и ментално здравје на РЦС „Спектар“ 

Во Крива Паланка промовирани проектите за волонтерство и ментално здравје на РЦС „Спектар“ 

Крива Паланка, 12 август 2024 (МИА) - Со изложба на приказни од градскиот живот и традицијата на Крива Паланка и видео спот посветен на младите, како завршни активности од проектите „Не кулирај - Волонтирај и креирај!“ и „Едукативно – креативен колаж за подобро ментално здраве“, што ги реализираше РЦС „Спектар“, во Градскиот музеј Крива Паланка беа промовирани двата проекти.

На јавниот настан „Да го осветлиме минатото во име на иднината“ беше поставена изложба на 20 печатени приказни за личности, настани, знаменитости, обичаи и случки, кои се резултат на истражувањата на младите волонтери за културното наследство, обичаите и традицијата во Кривопаланечко. Заедно со документи, фотографии и зачувани предмети, настанот предизвика интерес кај присутните и отвори дискусија за потребата да се истражи и запише кривопаланечката историја и култура.

Овој проект РЦС „Спектар“ го реализираше во партнерство со Градскиот музеј, а формираната волонтерска група со веќе стекнато искуство останува вреден чинител кој и понатаму ќе дава придонес за локалната заедница.

РЦС „Спектар“ го промовираше и видео спотот „Замисли си“, како финален продукт од проектот „Едукативно-креативен колаж за подобро ментално здравје“, реализиран во партнерство со ООУ „Илинден“ од Крива Паланка. Станува збор за авторска песна на учениците од ова училиште, создадена под менторство на експерти за арт терапија. 

-И двата проекти придонесоа поттикнување на активизмот и волонтерството кај младите за создавање на позитивни промени во нашата заедница. Соработката со Градскиот музеј и ООУ „Илинден“ беше неизмерно вредна. Обуките со наставниците, стручните кадри, родителите и учениците од ООУ „Илинден“ создадоа позитивна атмосфера и отворија многу важно прашање за менталниот развој на младите, но и на креативен пример за тоа како тие можат да се вклучат во промоцијата на позитивните аспекти на менталното здравје. Волонтерската група од Градскиот музеј, пак, се надеваме дека во иднина ќе привлекува млади активисти кои ќе продолжат да играат важна улога и да го истражуваат културното наследство и традицијата на своите предци“, рече Жаклина Цветковска од РЦС „Спектар“.

Бројните присутни учесници и гости имаа само честитки и пофални зборови за реализираните проектни активности, а за соработката и партнерството се заблагодрија и Драган Величковски, директор на Градскиот музеј и Снежана Јакимовска, психолог во ООУ „Илинден“. 

Проектите „Не кулирај – Волонтирај и креирај!“ и „Едукативно-креативен колаж за подобро ментално здрвје“ на РЦС „Спектар“, Крива Паланка се спроведоа во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, финансирана од Европската унија, а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). 

Проектите се кофинансирани од Општина Крива Паланка. ид/мд/

 

Остани поврзан