Во Крива Паланка промовирани две стихозбирки од Благица Велковска
- Во националната установа Центар за култура Крива Паланка синоќа се одржа промоција на двете најнови стихозбирки на поетесата Благица Велковска, посветени на семејството, ќерките и нејзината внука: "Две сонца" и "Малечката Ана".
Крива Паланка, 7 август 2024 (МИА) - Во националната установа Центар за култура Крива Паланка синоќа се одржа промоција на двете најнови стихозбирки на поетесата Благица Велковска, посветени на семејството, ќерките и нејзината внука: "Две сонца" и "Малечката Ана".
Настанот е во организација на Центарот за култура од градот на културата за 2024.
-Стиховите изнедрени од поетското перо на Велковска прозвучија во фоајето на НУ Центар за култура Крива Паланка, во интерпретација на членовите на литературниот клуб "Калин", кадешто активно членува Благица. Поезијата од првата стихозбирка, шеста во низа од авторката, е посветена на нејзините ќерки, испреплетена е со вечната конфронтација помеѓу доброто и лошото. Нѐ потсетува како е да се стреми кон подобро утре, колку е важно да се биде со позитивен став кон животот, како се сака безрезервно. Додека во "Малечката Ана" од стиховите за деца бликаат љубов, раскажувања за убавото, импресии од природата, животните и животот, рече промоторката Оливера Станковска.
Стихови читаа Марица Митева Станковска, Мира Георгиевска и Лила Тодоровска, како и ќерката на Велковска, Алиса Филиповска.
Промоцијата понуди лепеза убави зборови за сите деца од светот и одлична лирска книжевна вечер во "Крива Паланка - Град на културата" и "Кривопаланечко културно лето 2024". ид/вг/
Фото: МИА