• четврток, 26 декември 2024

Во Крива Паланка првпат, постхумно, изложба од Лазо Крстевски 

Во Крива Паланка првпат, постхумно, изложба од Лазо Крстевски 

Крива Паланка, 13 април 2024 (МИА) - Првпат во форма на самостојна изложба, постхумно, вечерва пред кривопаланчани беше претставено богатото ликовно творештво на ликовниот уметник Лазо Крстевски, еден од најистакнатите ликовни педагози од градот под Осоговието.

Оваа постхумна ретроспективна изложба на Крстевски е поставена во Локалната установа Градски музеј Крива Паланка, институција што ја подготви и реализира изложбата во авторство на историчарот на уметност, Ѓорги Костовски.

-За прв се претставени дела на Крстевски, еден од најзначајните ликовни педагози од градот кој сиот свој живот го посвети на педагошката дејност и своите ученици. Изложбата се подготвуваше во изминатата година, беа собрани дела од приватни домашни колекции од негови колеги, пријатели, колекционери на уметност, роднини. Сосема заслужено изложбата е дел од манифестацијата "Град на културата" ,во која ќе додадеме почит до крајот на годината и на останати автори кои оставиле трајни вредности и во уметноста и во издаваштвото,литературата, рече директорот на ЛУ Градски музеј Крива Паланка, Драган Величковски.
Авторот на изложбата, Ѓорги Костовски, историчар на уметност, рече дека и покрај мноштвото крстосници и патишта низ разни стилови и правци на Крстевски, неговото творештво се дели на три главни циклуси: поетски реализам, експресионизам и лирска апстракција. Единствен мотив кој се повторува низ целото негово творештво е кривопаланечката староградската архитектура, особено старата градска чаршија.

За ликот и делото на Крстевски говореше и неговиот брат, археологот Цоне Крстевски.

Лазо Крстевски работел како  наставник по ликовно воспитување во Крива Паланка повеќе од четири децении и негови ученици биле повеќе денес негови колеги,ликовни уметници, академски сликари, ликовни педагози.

Манифестацијата „Крива Паланка -Град на културата 2024“ е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија. ид/мч/

Фото МИА

Остани поврзан