• недела, 20 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во Крива Паланка по вторпат „Ретро шоу на олдтајмери“

Во Крива Паланка по вторпат „Ретро шоу на олдтајмери“

Крива Паланка, 14 април 2025 (МИА) - По повод на велигденските празници Општина Крива Паланка во соработка со клубот „Олдтајмер Витези“ од Куманово организира „Ретро шоу на олдтајмери“ на централниот градски плоштад, во сабота,19 април, со почеток од 11 часот.

- Градскиот плоштад во Крива Паланка ќе биде епицентарот на стил, класа и автомобилска историја и се очекува дека ќе предизвика голем интерес кај граѓаните и љубителите на класични автомобили од регионот и пошироко. Возилата најпрвин ќе пристигнат во дефиле низ центаралната градска улица до градскиот плоштад, каде присутните ќе можат да ја проследат презентацијата на олдтајмери, да слушнат интересни приказни за секое возило и да се фотографират со ретките возила и да доживеат и едно незаборавно ретро возење, информира службата за комуникација со јавноста при Општина Крива Паланка.
По изложбата на градскиот плоштад дефилето олдтајмери ќе се упати кон манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ каде ќе бидат изложени на манастирскиот паркинг.

Од општината посочија дека „Ретро шоуто на олдтајмери“ претставува уникатна можност за граѓаните, посетителите и љубителите на автомобилската историја да уживаат во ретки и вредни примероци од автомобилската индустрија на 20 век и истовремено да се запознаат со културното и туристичко богатство на општината.

-Не ја пропуштајте оваа единствена можност – ретро времепловот пристигнува во Крива Паланка, повикаа од општината.ид/са/

Фото: Општина Крива Паланка 

Остани поврзан