• четврток, 26 декември 2024

Во Крива Паланка за првпат ќе се одржи „Сусурига" - дефиле под маски 

Во Крива Паланка за првпат ќе се одржи „Сусурига

Крива Паланка, 5 март 2024 (МИА) - Општина Крива Паланка за првпат ќе ја организира манифестацијата „Сусурига 2024", дефиле под маски во градот, со цел заживување на старата градска традиција на маскирање и палење на оган по повод христијанскиот празник Прочка.

Манифестацијата ќе се одржи на 16 март, сабота, во 18 часот во пресрет на Прочка, а ќе опфати дефиле под маски, избор за најдобра групна или маалска маска, огнено шоу, симболично и ритуално палење оган, познат во народот како Сусурига и забава по маски.

-Ги повикуваме сите кривопаланчани на возраст над 14 години да земат учество и да пријават групна или маалска маска за претстојната манифестација. Пријавувањето се врши секој работен ден од 9 до 15 часот во Одделението за јавни дејности во општината, информира службата за комуникација со јавност на Општина Крива Паланка.

При пријавување кандидатите треба да достават и краток опис на маската, музика на ЦД во траење најмногу 2-3 минути, а за истата треба да имаат и соодветна мала кореографија со која ќе ја претстават маската на официјалната бина. Бројот на учесници во маската е ограничен, најмногу до 20 лица.

-Пријавите заедно со текстот за најава и музика се доставуваат во хартиена или електронска верзија кај лицата за контакт во Општината, објавени во повикот на официјалната веб страна на Општина Крива Паланка, најдоцна до 14 март  2024 до 15 часот и 30 минути, додаваат од службата.

При пријавувањето кандидатите ќе добијат реден број под кој ќе настапат на дефилето што е предвидено да тргне од пред НУ Центар за култура Крива Паланка.

Најдобрите три групни или маалски маски ќе бидат наградени од општината како покровител на манифестацијата. ид/дма/

 

Фото: Плакат

 

Остани поврзан