• среда, 25 декември 2024

Во Крива Паланка започна изградба на нов спортски терен и детско катче 

Во Крива Паланка започна изградба на нов спортски терен и детско катче 

Крива Паланка, 2 ноември 2024 (МИА) - На површина од околу 1100 метри квадратни во кривопаланечката населба Конопница ќе се градат нов фудбалски спортски терен и детско катче. Проектот е финансиран од тригодишната развојна програма на Општина Крива Паланка.

- Денеска започна изградбата на ново детско урбано катче и спортски терен во Конопница, кај м.в. Тополки, инвестиција вредна 3.210.000 денари.Со средства од буџетот, Развојна програма на Општина Крива Паланка инвестираме во уредување на ново детско катче со површина од 150 метри квадратни, опремено со реквизити и урбана опрема. Вредноста изнесува 1.135.000 денари, а ова е тринаесетти по ред урбано детско катче во општината изградено во периодот од три години. На истата локација ќе биде изграден и уреден комплетно нов фудбалски спортски терен со вештачка трева, со површина од 924 метри квадратни во вредност од 2.075.000 денари, информира градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Тој посочи дека локалната самоуправа во изминатите три години инвестира значајни средства за уредување нови детски катчиња со спортски терени и од ниту едно катче во 2021 година, денес се гради тринаесеттото.

Истовремено, со средства од развојната програма на општината се проектираат уште осум други вакви урбани катчиња што ќе бидат лоцирани во различни населени места, меѓу кои во Осичка маала, во населбата Бавчалк и други.

Во областа на млади и поддршка на млади таленти од градот, во текот на вчерашниот ден беа врачени нови 14 договори за стипендирање на талентирани ученици, студенти и спортисти од градот. Со тоа, Општина Крива Паланка доделува стипендии на вкупно 35 млади таленти од градот кои со своите успеси во различни области во образованието и спортот ги исполниле критериумите за стипендирање.
Вредноста на стипендиите изнесува 3.000 денари што се исплаќаат во период од девет месеци во текот на годината. иб/цр

Фото: Општина Крива Паланка 

Остани поврзан