• сабота, 23 ноември 2024

Во крводарителска акција во Велес собрани 17 крвни единици

Во крводарителска акција во Велес собрани 17 крвни единици

Велес, 12 септември 2024 (МИА) – ЈЗУ Здравствен дом - Велес во соработка со Општинската организација на Црвен крст денеска одржа акција за доброволно дарување крв во која се собраа 17 крвни единици.

Секретарот на ООЦК Орце Николов во изјава за МИА оцени дека денешната акција е успешна и се заблагодари на сите кои даруваа крв за да спасат нечиј живот.

Меѓу крводарителите беа и неколку вработени од службата за Брза помош при ЈЗУ Здравствен дом Велес. Д-р Марјан Мишев за МИА информираше дека дарува крв по петнаесетти пат, а во акциите се вклучува за да им помогне на пациентите на кои им е неопходна крв од неговата крвна група.

– Чувството на хуманост е убаво и секој треба да го почувствува, порача Мишев.

Ален Давчевски, возач во Брза помош, денеска по 56-ти пат даруваше крв. Како што појасни Давчевски, тоа го прави поттикнат да спаси нечиј живот. Потенцираше дека има ретка крвна група Б негатив и честопати добива повици од Трансфузиологија и се јавува и дарува ако има потреба при итни случаи од оваа крвна група.

Крв даруваше и неговиот колега возач Дарко Ристоски, кој потенцираше дека е поттикнат од хумани чувства. Тој заедно со неговите колеги од ЈЗУ Здравствен дом ги повикуваа сите медицински лица и граѓани да бидат пример на хуманост и да даруваат крв, а со тоа  да ја искажат својата хуманост на дело. ад/ра

Фото: МИА 

 

Остани поврзан